Над 1.000 илегални имигранти од Велика Британија вратени во Албанија / Photo: Reuters

Над 1.000 илегални имигранти од Велика Британија биле вратени во Албанија од декември минатата година. Властите на Албанија и на Велика Британија ја продолжуваат соработката во врска со враќањето на нерегуларните албански имигранти.

Министерството за внатрешни работи на Албанија потврди дека процесот на враќање на нерегуларните албански имигранти од Велика Британија продолжил во текот на 2023 година.

Според албанските власти, над 1.000 албански државјани се вратиле во Албанија во последните месеци, а во овие податоци се вклучени и граѓани што поднеле неосновани барања за азил, прекршители на законот, како и лица што доброволно се вратиле, во периодот од 13 декември 2022 година до првата недела од април 2023 година.

Потврдено е дека во 2022 година имало 1.888 враќања на албански државјани од Велика Британија, од кои 954 биле принудени, а 934 доброволни.

Албанските власти потврдија дека операциите за репатријација ќе продолжат.

Во меѓувреме, според Генералната полициска дирекција на Албанија, оперативните тимови на Албанија и на Велика Британија формирале Заедничка работна група за миграција што, според албанските власти, служи како клучна точка за координација на мерките и специјалните оперативни акции за управување со илегалната миграција на албански државјани во Велика Британија.

Потсетуваме, Албанија и Велика Британија во декември 2022 година потпишаа заедничка декларација за „продлабочување на билатералната соработка во областите од заеднички интерес“, вклучително и прашањето за илегална имиграција. Ова прашање предизвика дебати и реакции во последните месеци во Велика Британија и во Албанија.

Според договорот, Албанија и Велика Британија ќе го зголемат бројот на вратени лица во Албанија, вклучително и постари од 18 години што се идентификувани од надлежните органи на Велика Британија како жртви на трговија со луѓе.

Врз основа на овој договор, Велика Британија ќе обезбеди дополнителна поддршка за албанската Влада и релевантните организации за услуги за заштита и реинтеграција на оние што се враќаат во Албанија.

AA
Популарни