Меѓународниот фестивал на скулптури од песок привлекува локални и странски посетители во турската област Анталија со огромните скулптури од кои застанува здивот.
Фестивалот годинава се одржува по 18. пат, а овој пат темата е „Вселенска авантура“.
Посетителите можат да видат скулптури поврзани со Леонардо да Винчи, Галилео, браќата Рајт, браќата Монтголфие, Хазерфен Челеби, Зеплин, првиот човек во вселената Јуриј Гагарин, првиот човек на Месечината Нил Армстронг, вселенскиот шатл „Колумбија“, капсулата Спејс Икс Драгон 2, вселенската колонијата на Марс, како и планетите во Сончевиот Систем.
На изложбата се претставени многу херои од филмови, како „Војна на ѕвездите“, „Ѕвездени патеки“, „Вол-И“, „Аватар“, „Чувари на галаксијата“ и „Петтиот елемент“.
„Нашите посетители можат да видат сè за вселенската авантура на човештвото“, рече директорот на фестивалот, Џем Карача, додавајќи дека ова е еден од најголемите настани од овој тип во светот.
Скулптурите во изложбениот простор се осветлени со ЛЕД-системи во текот на ноќта, со пригодна музика, по што овој простор прераснува во магична средина.
Секоја година уметници од целиот свет кои изработуваат скулптури од песок се собираат за да обликуваат фигури од 10.000 тони песок, на површина од 7.000 квадратни метри по должината на плажата Лара.
„Анталија Сендленд“ како изложбен простор на скулптури од песок може да се посети во текот на целата година.