Малцинска влада е една од опциите која може да се реализира во Бугарија по излегувањето на министрите од „Има таков народ” на Слави Трифунов од Владата предводена од Кирил Петков. Тоа всушност го најави и Петков кој рече дека е подготвен да предводи нов кабинет кој нема да има парламентарно мнозинство, но нема да дозволи „да му ги виткаат рацете”.
Прашањето за Северна Македонија, односно информациите кои ги има бугарската опозиција, дека Петков преговарал за кревање на ветото и почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ е една од причините за пад на Владата. Втората причина е економската ситуација во државата.
Начин на формирање
Во најголем број случаи партиите кои формираат Влада имаат мнозинство во Собранието. Сепак можно е една партија да формира Влада или коалиција и во случај да нема мнозинство во Парламентот. Тогаш партиите кои ја формираат зависат од поддршката на останатите партии.
Односно една партија може да даде поддршка за формирање на малцинска Влада, но таа да не делегира свои министри и формално да не е дел од владата и нејзините пратеници формално не се дел од мнозинството. Делуваат како власт или опозиција во различни ситуации.
Малцинската Влада најчесто се прави кога една партија или коалиција го губи мнозинството во Парламентот, а ниту една друга партија или коалиција не успева да состави мнозинство.
Кои се другите сценарија за Бугарија?
Второто сценарио е Петков да го добие апсолутното мнозинство од 121 пратеник во бугарскиот Парламент ако 12 пратеници од „Има таков народ” одлучат да му се приклучат на Петков.
Третото сценарио е новата бугарска Влада да ја формира „Има таков народ“ на Слави Трифонов. Широката Влада на Трифонов не би ја вклучила партијата на Петков во неа.
И четвртото сценарио е Бугарија повторно да оди на избори. По неколкуте изборни циклуси во кои земјата многу тешко доби Влада и со оглед на рејтинзите на политичките партии нови избори веројатно не би решиле ништо. Останатите претставници на владината коалиција констатираа дека на земјата не и се потребни избори.
Во ситуација на нови избори партиите во Бугарија веројатно ги чека неизвесен исход со оглед на последните изборни циклуси и расположението на граѓаните за прашањата поврзани со Северна Македонија и борбата против корупцијата.
Во кои земји имало малцинска Влада?
Влада која ќе ја состават партиите кои немаат парламентарно мнозинство не е непозната во многу демократски системи. Шведска во неколку наврати имаше малцинска Влада. Истото беше случај и со Велика Британија во времето на Тереза Меј во 2017 година. Тоа важи и за Канада, но малцински влади имале и Романија и Црна Гора.