Владата на Косово ја зголемува минималната плата на 350 евра / Photo: AA Archive

Владата на Косово денеска го усвои предлогот за зголемување на минималната плата на 350 евра од октомври. Усвоен е и нацрт-закон за задолжително издвојување за здравствено осигурување.

Косовскиот премиер Албин Курти на седницата на Владата рече дека оваа одлука ќе има влијание врз повеќе од 150.000 вработени и дека минималната плата ќе биде ослободена од данок.

Министерот за финансии, труд и трансфер, Хекуран Мурати, на прес-конференцијата по седницата на Владата рече дека за првпат е утврдена и висината на минималната заработувачка по работен час во висина од 2 евра.

„Одредувањето на минималната плата по работен час е направено, што значи 2 евра за редовен работен час, а ако ова се преведе во месечна плата со полно работно време, тогаш се добива минимална бруто месечна плата од 350 евра“, нагласи Мурати.

Зголемувањето на минималната плата ќе стапи на сила од 1 октомври. Претходното зголемување на минималната плата од 170 на 250 евра, иако усвоено уште пред една година, стапи на сила пред само пет дена.

Владата на Косово денеска го усвои и предлог-законот за задолжително издвојување на здравственото осигурување. Министерот за здравство Арбен Витија изјави дека на овој предлог закон му претходел детален процес на планирање, анализа и дискусија.

„Овој предлог закон е фундаментален чекор кон создавање на здравствено осигурување во државата. Ова е секако неповратен процес и како таков го започнуваме денеска, со седница на Владата. Со оваа иницијатива се формира Фонд за задолжително здравствено осигурување на Република Косово“, нагласи Витија.

Тој рече дека по усвојувањето на предлог-закон во Собранието, вработените ќе издвојуваат по 3,5 % од платата, а исто толку ќе издвојува и работодавачот. Тој додаде дека за првпат се дефинираат и правилата за листата со рефундирани лекови, која суштински ќе ја трансформира поддршката што државата им ја дава на граѓаните.

Косово е единствената земја во регионот која нема државно здравствено осигурување. Законот за здравствено осигурување е донесен неколку пати, но досега никогаш не е спроведен.

Косовската влада денеска го одобри и предлогот повторно да го продолжи рокот за попис на населението од дијаспората, и тоа до 31 декември. Претходно, рокот за онлајн пописот на дијаспората беше продолжен до 31 август.

TRT Balkan / агенции
Популарни