Тим научници од универзитетот Дуизбург-Есен во Германија спроведоа истражување кое покажа дека одреден ген во човековото тело го намалува ризикот од смрт од Ковид-19 за 35 проценти.
Со истражувањето биле опфатени 1.570 пациенти кај кои вирусот бил дијагностициран меѓу 11 мај 2020 година и 30 јуни 2021 година. Починале една петина од пациентите кои биле испитувани.
Тринаесет проценти или 205 пациенти кои биле дел од студијата имале полесни симптоми, 760 или 48 проценти од нив биле пратени на болнички третман, а 292 или 19 проценти завршиле на интензивна нега. Секој петти пациент или 313 пациенти кои биле опсервирани починале.
Како делува генот ГНБ3 ТТ?
Генот кој ја намалил веројатноста за смрт кај некои пациенти е наречен ГНБ3 ТТ. Се работи за варијанта за која се проценува дека е присутна кај десет проценти од европската популација.
ГНБ3 е ген кој ги декодира таканаречените Г протеини важни за бројни процеси во телото. Една од учесничките во студијата Бирт Молендик изјави дека тие откриле дека генот предизвикува активација на имунолошките клетки.
„Овој побрз имунолошки одговор може да објасни зошто ризикот од смрт е многу помал за групата луѓе кои го носат овој ген”, изјави Мелендик.
Студијата не го истражувала сојот омикрон
Студијата ја потврдила претпоставката дека помладата возраст и отсуството на хронични здравствени проблеми како дијабетес значајно ги зголемуваат шансите за преживување на инфекцијата од корона вирусот. Студијата од која резултатите се објавени во стручното списание Граници и генетика (Frontiers and Genetics) не се однесува на сојот омикрон.