Ситуацијата во Централна Азија е особено загрижувачка, со зголемување на бројот на смртни случаи за 34 проценти од 2010 година / Photo: Reuters

Новиот извештај на програмата на Обединетите нации за ХИВ/СИДА укажува дека светот е „на крстопат“ ако глобалната цел за искоренување на болеста како закана за јавното здравје треба да се постигне до 2030 година.

Податоците на УНАИДС за 2023 година, објавени во понеделникот, покажуваат дека и покрај заедничките напори да се спречи ширењето на ХИВ/СИА и да се ублажи влијанието на вирусот, во светот „по едно лице умира секоја минута од причини поврзани со СИДА“.

„Светските лидери ветија дека ќе стават крај на пандемијата на СИДА, која е закана за јавното здравје, до 2030 година“, изјави директорот на УНАИДС Вини Бјањима пред 25-тата меѓународна конференција за СИДА, која започа во понеделник во Минхен, Германија.

„Тие можат да го одржат ветувањето, но само доколку гарантираат дека одговорот на ХИВ ги има потребните ресурси и дека се заштитени човековите права на сите“, рече таа.

Цели

Официјалните бројки покажуваат дека околу 1,3 милиони луѓе се заразиле со ХИВ/СИДА во 2023 година, што е повеќе од три пати повеќе од привремената цел од 370.000 за 2025 година, што светските лидери ја поставија во 2021 година.

Глобалниот број на смртни случаи од компликации предизвикани од СИДА се намали од околу 1,3 милиони во 2010 година на 630.000 во 2023 година, како резултат на зголемената достапност на антиретровирусна терапија и други програми за лекување.

Сепак, бројката е далеку над привремената цел од 250.000 смртни случаи во 2025 година.

Загриженост во Источна Европа и Централна Азија

Околу 40 милиони луѓе ширум светот живееле со вирусот во 2023 година, покажуваат бројките, а речиси секој четврти немал пристап до спасувачки третман, особено во субсахарска Африка.

Регионот останува епицентарот на пандемијата, при што инциденцата на ХИВ меѓу тинејџерките и младите жени сè уште е „исклучително висока“, иако напорите за спречување на вирусот се подобруваат.

Во извештајот се наведува дека иако „глобалниот одговор на превенцијата на ХИВ напредува со охрабрувачко темпо во субсахарска Африка“, и е „зстопиран во другите региони“, но според податоците на УНАИДС, стапките се зголемуваат во Латинска Америка, Блискиот Исток, Северна Африка, Источна Европа и Централна Азија.

Ситуацијата во Централна Азија е особено загрижувачка, со зголемување на бројот на смртни случаи за 34 проценти од 2010 година.

Сите други региони забележаа пад во истиот период, во опсег од 57 проценти на Карибите до 6 проценти на Блискиот Исток и Северна Африка.

Севкупно, смртните случаи поврзани со СИДА се намалени за 69 отсто од врвот на пандемијата во 2004 година и за 51 отсто од 2010 година.

Стигматизацијата ја попречува борбата против пандемијата

Студијата покажа дека дискриминацијата и стигматизацијата на ризичните популации и ранливите групи, вклучително и сексуалните работници, трансродовите лица и корисниците на дрога, „создаваат пречки за виталните услуги за превенција и третман“.

Услугите за превенција и третман на ХИВ „ќе стигнат до луѓето само ако се почитуваат човековите права, ако се укинат неправедните закони против жените и против маргинализираните заедници и ако има директно соочување со дискриминацијата и насилството“, продолжува извештајот.

Финансирањето на виталните мерки како што се програмите за дистрибуција на кондоми и услугите за намалување на штети за корисниците на дрога се намалуваат во многу земји со значително влијание врз стапките на пренос на ХИВ.

„Владите мора да дејствуваат сега за да ги забрзаат напорите против глобалната пандемија“, рече Бјањима.

„Лидерите можат да спасат милиони животи, да спречат милиони нови ХИВ инфекции и да се погрижат сите што живеат со ХИВ да живеат здрави, исполнети животи“, рече таа пред годишната конференција, која ќе трае до петок.


TRT Balkan / агенции
Популарни