Кучињата трагачи обучени да препознаат инфекции со коронавирус се погодни за употреба во секојдневни ситуации, на големи собири и настани, велат научниците во студијата објавена овој месец во научното списание BMJ Global Health.
„Овој вид на кучиња претставуваат систем за рано предупредување“, рече водачот на студијата Холгер Волк, раководител на Клиниката за мали животни во ТиХо, за dpa, истакнувајќи дека обучените кучиња дури можат да идентификуваат инфекции пред PCR тестот да биде позитивен.
„Големите компании како Континентал и Фолксваген би можеле да ги користат како релативно евтина алатка за скрининг за да ја зголемат безбедноста на своите вработени“, рече Волк, кој го предводеше истражувањето на Универзитетот за ветеринарна медицина во Хановер.
За потребите на истражувањето земени се примероци од пот на четири концерти во Хановер во септември и октомври во 2021 година.
Исто така, посетителите дадоа и брисеви за брз антиген тест и ПЦР тест на денот на концертот. Примероците од пот, резултатите од тестовите и информациите за вакцинирање и хронични болести беа достапни за вкупно 2.802 испитаници.
Научниците рекоа дека осум специјално обучени кучиња препознале негативни примероци од Sars-Cov-2 во 99,9 отсто од случаите и позитивни примероци во 81,6 отсто од случаите.
„Студијата покажува дека кучињата можат со сигурност да разликуваат примероци не само во лабораториски услови, туку и во секојдневниот живот“, нагласи водачот на студијата Волк.
Сѐ повеќе се користат за препознавање мирици во медицината. Овие кучиња можат да препознаат различни видови на рак, маларија и некои бактериски и вирусни инфекции.
Кучињата за откривање веќе се користени на аеродромите и на јавни настани за да помогнат во откривање на инфекции со коронавирус и спречување на болеста да се шири со молскавична брзина.
Научниците веруваат дека кучињата ќе можат да помогнат во откривањето на неидентификувани случаи на долгорочен ковид.