Досега во светот над 6,7 милиони луѓе починале од Ковид-19 / Photo: AA

Првиот регистриран смртен случај од коронавирус во Кина и воопшто во светот беше регистриран, пред точно три години, на 11 јануари 2020 година, на самиот почеток на здравствената криза која се прелеа во светска пандемија.

Во четвртата година од пандемијата според глобалните статистики на Светската здравствена организација (СЗО) регистрирани се над 6,7 милиони смртни случаи како последица на Ковид-19, додека пак вкупно се бележат над 660 милиони случаи на заразени со коронавирусот.

Над 13 милијарди дози вакцини против Ковид-19 биле аплицирани во светот, од вкупно деветте одобрени вакцини за итна употреба на Светската здравствена организација.

Првата жртва на новиот вирус беше регистрирана во Вухан, Кина каде 61 годишен маж често го посетувал локалниот пазар на месо и живина. Потоа се бележат и првите смртни случаи надвор од Кина, додека пак првите големи бранови се случија во Италија, Иран и САД.

Како регионот се справи со пандемијата?

Досега во Северна Македонија се бележат над 9.000 смртни случаи предизвикани од коронавирусот, додека пак вкупниот број на инфекции надмина 345.000.

Северна Македонија еднаш неделно објавува статистички податоци за новозаразени и нови смртни случаи преку веб страната на Институтот за јавно здравство. Укинатите мерки за изолација на заразените прави тестирањето во официјалните лаборатории да се избегнува.

Слична е состојбата и во земјите од регионот. Србија во која има над 17.000 смртни случаи и повеќе од 2.4 милиони инфекции се прикажуваат дневни ажурирани податоци, но без редовни објави на Институтот за јавно здравје.

Во Косово црниот биланс достигна над 3.000 смртни случаи со над 270.000 заразени, додека пак тамошниот ИЈЗ и натаму прикажува дневни или редовни објави со нови податоци за движењето на пандемијата, но претежно на Фејсбук страницата. Дел од информациите се и интерактивно прикажани преку дигиталната алатка дата студио.

Албанија се доближува до 3.600 смртни случаи со 334.000 инфекции, Црна Гора со речиси 2.800 починати од Ковид-19, додека пак во Босна и Херцеговина црниот биланс изнесува над 16.000 смртни случаи со над 400.000 заразени.

Отстранети рестриктивните мерки

2022 година ја одбележа целосното отстранување на рестриктивните мерки за спречување на заразата со коронавирусот, но и намален интерес за следење на дневните и редовните статистички показатели за движењето на пандемијата која се уште не е завршена официјално според СЗО.

Здравствените власти и натаму апелираат населението да се заштити преку вакцините против Ковид-19 и да преземе поединечни мерки на хигиена како и дистанцирање во случаи кои се појавуваат симптомите поврзани со коронавирусот.

TRT Balkan
Популарни