Европската комисија презеде заедничка набавка на вакцини, а неколку земји, како Германија и Шпанија, веќе ги добија првите дози     Фото: Ројтерс

Досега во Хрватска се потврдени 10 случаи на мајмунски сипаници, а наскоро се очекуваат и првите дози од вакцината. Станува збор за машки пациенти на возраст од 30 до 50 години, потврди во неделата епидемиологот Горанка Петровиќ, која очекува дека во наредните недели ќе стигнат и првите дози од вакцината против оваа вирусна болест.

Засега се знае дека двајца од заразените имале контакт со вирусот во странство, а за останатите се собираат информации.

„Секоја земја од Европската унија ќе усвои свој план за вакцинација против мајмунски сипаници, а првите дози би можеле да пристигнат во Хрватска за неколку недели, иако не е одреден конкретен датум“, изјави Горанка Петровиќ, епидемиолог од Хрватскиот институт за јавно здравје (ХЗЈЗ).

Европската комисија презеде заедничка набавка на вакцини, а неколку земји, како Германија и Шпанија, веќе ги добија првите дози од вакцината против мајмунски сипаници, која годинава беше забележана во бројни земји низ европскиот континент.

„Дистрибуцијата на вакцините во државите ќе се врши пропорционално според бројот на жители и според степенот до кој епидемијата зафатила одредена држава. Во наредните недели се очекува вакцината да пристигне во Хрватска“, изјави Горанка Петровиќ, раководител на Одделот за респираторни заболувања.

Мајмунските сипаници не се класична пренослива болест, истакна Петровиќ. Многу повеќе треба да се истражува кога станува збор за оваа болест, но познато е дека може да се пренесе преку близок физички контакт.

„Во Хрватска планираме да ги вакцинираме оние лица кои биле во близок контакт со заразени лица, во рок од 4 до 14 дена од изложувањето на инфекцијата“, рече епидемиологот.

Хрватска ќе добие 1400 дози

„Симптомите на болеста вклучуваат главоболка, треска, болка во мускулите, отечени лимфни јазли и осип што се јавува по неколку дена. Болеста се лекува симптоматски, со употреба на многу течности, а бројот на хоспитализирани е многу мал“, рече Петровиќ.

Инаку, Европската агенција за лекови (ЕМА) во петокот објави дека одобрила вакцина против сипаници и за употреба како превенција од ова заболување.

СЗО во саботата објави дека прогласила епидемијата на мајмунски сипаници како „вонредна состојба од меѓународна загриженост“ во повеќе од 50 земји ширум светот.

HINA
Популарни