Денга треската ќе стане главна закана оваа деценија во јужна Европа, јужниот дел на САД и делови од Африка бидејќи повисоките температури создаваат поволни услови за комарците кои ја носат инфекцијата, рече главниот научник на СЗО.
Оваа болест долго време ги погодува голем дел од Азија и Латинска Америка, предизвикувајќи околу 20.000 смртни случаи секоја година. Стапките на зарази веќе се зголемени за осум пати на глобално ниво од 2000 година, главно поттикнати од климатските промени и зголеменото човечко движење и урбанизација.
Многу случаи остануваат непријавени, но 4,2 милиони случаи беа пријавени ширум светот во 2022 година, а јавно-здравствените власти предупредија дека оваа година се очекуваат рекордни нивоа на пренос. Бангладеш моментално ја доживува својата најлоша епидемија досега.
„Треба да зборуваме многу попроактивно за денга треската, изјави за Ројтерс Џереми Фарар, специјалист за заразни болести кој се приклучи на Светската здравствена организација (СЗО) во мај оваа година. „Мораме навистина да ги подготвиме земјите за тоа како ќе се справат со дополнителниот притисок што ќе дојде... во иднина во многу големи градови.
Фарар претходно поминал 18 години работејќи во Виетнам на тропски болести, вклучително и денга треска. Подоцна ја водеше глобалната здравствена добротворна организација Велкам Траст и ја советуваше владата на Велика Британија за одговорот на пандемијата на КОВИД пред да се приклучи на СЗО во мај годинава.
Фарар рече дека инфекцијата најверојатно ќе „полета“ и ќе стане ендемична во делови од САД, Европа и Африка - региони каде што веќе имаше ограничен локален пренос бидејќи глобалното затоплување ги прави новите области гостопримливи за комарците што ја шират. Ова ќе изврши голем притисок врз болничките системи во многу земји, предупреди тој.
- Клиничката нега е навистина интензивна, бара висок сооднос на медицински сестри со пациенти, рече тој.
- Навистина сум загрижен што ќе се случи кога тоа ќе стане голем проблем во субсахарска Африка.
Повеќето луѓе кои добиваат денга немаат симптоми, што значи дека стапките на случаи се многу повисоки од пријавените бројки. Симптомите вклучуваат треска, грчеви во мускулите и болки во зглобовите, а во помалку од еден процент од случаите болеста резултира со смрт.
Не постои специфичен третман за денга, иако постои достапна вакцина. Претходно оваа недела, СЗО ја препорача вакцината КЈУденга на Такеда Фармацеутикалс за деца на возраст од 6 до 16 години во области каде што инфекцијата е главен јавно-здравствен проблем.
КЈУденга беше одобрена и од регулаторот на ЕУ, но Такеда ја повлече својата апликација во САД претходно оваа година, наведувајќи ги проблемите со собирањето податоци. Такеда рече дека сè уште преговара со американската Администрација за храна и лекови за вакцината.
Денгата се шири од заразените комарци Аедес аегипти, кои се однесуваат поинаку од видовите што пренесуваат маларија.
На пример, тие гризат луѓе во затворени простории и во текот на денот, а не само преку ноќ.