Цигарите убиваат повеќе од 8 милиони луѓе секоја година. Над 7 милиони од тие смртни случаи се резултат на директна употреба на тутун, а повеќе од 80% од 1,3 милијарди корисници на тутун во светот живеат во земји со низок и среден приход. Ова е наведено во еден од последните извештаи на Светската здравствена организација од пред шест месеци.
182 земји во светот ја имаат ратификувано Рамковната конвенција за справување со негативните последици од тутунот.
Зголемената цена ја намалува потрошувачката на цигари
Во него исто така се вели дека сите облици на тутун се штетни. И дека употребата на тутунот придонесува за зголемување на сиромаштијата бидејќи средствата се пренасочуваат за купување цигари и слични производи. Тие пак предизвикуваат трошоци за здравствена заштита и лекување.
СЗО исто така дошла до сознанија дека во чадот од тутунот има повеќе од 4.000 хемикалии. Според СЗО зголемените цени и даноците за производи од тутун се најисплатливиот начин за намалување на употребата како и трошоците за здравствена заштита, особено меѓу младите и луѓето со ниски приходи. Зголемувањето на даноците треба да биде доволно високо за да ги подигне цените над растот на приходот.
СЗО истакнува дека зголемувањето на цените на тутунот за 10% ја намалува потрошувачката на тутун за околу 4% во земјите со високи приходи и околу 5% во земјите со низок и среден приход.
Каде пушењето се уште е популарно?
Иако според некои истражувања пушењето цигари постепено станува минато. според податоците во едно од последните истражувања на Статиста оваа навика тешко умира во некои земји.
Агресивните кампањи на тутунската индустрија довеле до краткотрајно зголемување на бројот на пушачи, но сепак тутунската индустрија е присутна на постоечките пазари.
Во Русија 46 отсто од испитаниците изјавиле дека пушат цигари барем повремено. Во Шпанија тоа е случај со 42 отсто од испитаниците, додека во Германија со 40 проценти. Понатаму следуваат Индија со 38 отсто, Кина со 37 отсто, САД со 37 отсто и Канада и Велика Британија со 30 отсто од испитаниците кои одговориле дека пушат цигари барем повремено.