СЗО: Потребни се огромни напори за да се намали внесот на кујнска сол / Photo: AA

Глобалниот извештај на Светската здравствена организација (СЗО) за намалување на внесот на натриум покажува дека светот ќе се бори да ја постигне целта за намалување на потрошувачката на оваа хранлива материја за 30 отсто до 2025 година.

Натриумот е хранлива материја од суштинско значење, но го зголемува ризикот од срцеви заболувања, мозочен удар и прерана смрт доколку се консумира прекумерно. Главен извор е кујнската сол (натриум хлорид), но го има и во други зачини како натриум глутамат.

Извештајот, прв од овој вид, покажува дека политиките на намалување на натриумот штитат само три отсто од светската популација, а 73 отсто од 194 држави членки на СЗО не спроведуваат во потполност такви политики.

„Нездравата исхрана е водечка причина за смрт и болест во светот, а прекумерен внес на натриумот е еден од главните виновници“, рече генералниот директор на СЗО Тедрос Адханом Гебрејесус.

Тој нагласи дека земјите мора во таа смисла да направат многу повеќе.

„Овој извештај покажува дека повеќето држави допрва треба да усвојат било каква обврзувачка политика на намалување на натриумот, со што и понатаму ги оставаат своите граѓани во ризик од срцев удар, мозочен удар и други здравствени проблеми“, додаде Гебрејесус.

Се проценува дека глобалниот просечен внес на солта е 10,8 грама дневно, што е повеќе од двојно од препораката на СЗО која изнесува помалку од пет грама сол дневно или една чајна лажица.

Во извештајот се наведува дека консумирањето на премногу сол е најголем ризик фактор за смртните случаи поврзани со исхраната.

TRT Balkan / агенции
Популарни