Договор на Фатах и Хамас: Единствен палестински фронт против Израел?

Ривалските палестински фракции се согласија во врска со договорот за помирување кој има за цел решавање на 15-годишните поделби, со повикување на одржување на нови избори на окупираните палестински територии во рок од година дена по повеќемесечните преговори со посредување на Алжир.

Палестинците вложуваат надеж, но тие се и скептични кон напорите за помирување, откако претходните ветувања за изборите не се остварија.

Договорот во четвртокот, во главниот град на Алжир, го потпишаа челникот на Фатах Азам ал-Ахмад, шефот на политичкото биро на Хамас, Исмаил Ханијех и генералниот секретар на Народниот фронт за ослободување на Палестина, Џалал Наџи.

Во ексклузивно интервју за ТРТ Араби, Ханијех истакна дека Алжирската декларација ќе придонесе кон единство на палестинскиот народ против израелската окупација

„Најважно за палестинскиот народ да биде во состојба да се спротивстави на окупацијата е палестинската администрација и народот да бидат обединети“, рече Ханијех.

Во соопштението објавено во четвртокот Министерството за надворешни работи на Туркије наведе дека е задоволно од исходот на конференцијата на национално помирување постигнато помеѓу палестинските фракции.

„Го цениме придонесот на Алжир кон процесот на внатрепартиско помирување кој Туркије секогаш го поддржуваше. Сметаме дека декларацијата усвоена кон крајот на конференцијата претставува соодветна основа за конечно обединување на палестинските фракции и сакаме да се спроведат чекорите наведени во декларацијата, а посебно одржување на изборите“, се наведува во соопштението на министерството.

По што овој договор се разликува од претходните?

Палестинско-американскиот активист и претседавач со Кампањата за палестинска солидарност, како и еден од основачите на Британско-палестинскиот политичкиот совет Камел Хаваш смета дека посредувањето на Алжир сега би можело потенцијално да направи разлика.

„Алжирците рекоа дека ќе воспостават комитет за следење, кој би го сочинувале Арапите, Палестинците и Алжирците, кои ќе ја следат имплементацијата на договорот“, рече Хаваш за ТРТ Ворлд.

Според договорот, изборите ќе се одржат за претседател и за Палестинскиот законодавен совет, кој делува како Парламент на Палестинците на окупираните територии.

Тоа исто така бара избори за Палестинскиот национален совет, парламент за Палестинците, вклучувајќи ја милионската дијаспора. Договорот исто така ја признава Палестинската ослободителна организација (ПЛО) како единствен претставник на палестинскиот народ.

Хаваш истакнува дека дополнителен поттик за промени би можел да дојде од новата конференција која Палестинците ќе ја одржат на 5 ноември.


„Тоа во голема мерка ќе биде причина за одржување на изборите за Палестински национален совет и повторно јакнење на ПЛО, а ќе се одрази и на теренот во Рамала и Газа и ќе ги поврзе Палестинците за да го искажат ставот на изборите“, објаснува Хаваш.

„Овој притисок доаѓа од долу кон нагоре со ветување дека ќе продолжи да врши притисок за чесни избори, така да постои застапеност на сите 14 милиони Палестинци.“

Следни предизвици

Главен фокус на ноемвриската конференција ќе биде Палестинскиот национален совет, бидејќи, како што истакнува Хаваш, тоа би требало да биде највисокото тело во државата Палестина, иако моментално не е.

Кандидатите избрани во Палестинскиот национален совет тогаш би се бирале во помали тела како што се Централен совет, а потоа Извршен комитет, а тоа е ПЛО.

Хаваш вели дека Палестинскиот национален совет е важно демократско тело затоа што на луѓето им овозможува да ги бираат своите претставници. Тој нагласува дека Палестинскиот национален совет првин треба да биде тело кое ќе ги одржи изборите

„Поентата е во тоа што основа треба да биде Палестинскиот национален совет, кој би требало да одлучи каква би требала да биде улогата на палестинските национални власти, односно дали тоа тело воопшто треба да постои. Но тоа е потполно занемарено од моменталното раководство и тоа ефективно делува без осврт на тоа највисоко тело“, објаснува Хаваш.

Палестинската национална управа, која е владино тело под контрола на Фатах кое врши делумна цивилна контрола над деловите на окупираниот Западен Брег, телото е воспоставено по договорот од Осло, како и Палестинскиот законодавен совет, кој е основан за да се зголеми одговорноста во Палестинската национална управа.

Претседателот Махмуд Абас го распушти Законодавниот совет и ја стави Палестинската ослободителна организација, чиј е претседател, под Палестинска национална управа, иако таа би требала да биде под контрола на Палестинскиот национален совет.

Ако Палестинскиот национален совет биде признаен како врховно тело, тоа би можело да доведе до промени во начинот на кој палестинската влада постапува со Израел на политички терен. Главен приоритет за Палестинскиот национален совет би бил да се прекине безбедносната соработка со Израел - одлука која претходно ја донесе ова тело, но моменталното раководство не ја сменило.

Важно е да се напомене дека изборите за Палестинскиот национален совет би можеле да бидат предизвик поради многу големата палестинска дијаспора, која ова тело има за цел да ја претставува заедно со Палестинците на окупираните територии. Ако дијаспората биде вклучена во гласањето, како тогаш ќе изгледа процесот? Моментално не постојат механизми за официјално вклучување на населението кое живее надвор од Палестина.


Со Договорот за помирување не е јасно кое тело првин ќе одржи избори. Ниту едно тело не е наведено според некој одреден редослед, што укажува дека можеби нема да бидат премногу значајни промените во статусот кво на Владата на окупираните палестински територии.

Исто така, пости и шанса Израел да не им дозволи на палестинските жители на Кудс (Ерусалим) да гласаат. Ова прашање се случи минатата година кога претседателот Абас распиша избори, а потоа ги откажа поради ставот на Израел.

Уште една критична точка која треба да се разгледа во рамките на договорот е фактот што делегациите не се усогласиле да формираат влада на единство.

„Очигледно е дека имало несогласувања околу ова и можно е оваа точка да се заканувала да доведе до непотпишување на договорот… Така да шансите за влада на единство се отфрлени“, рече Хаваш и понатаму додаде:

„Причина поради која таа ставка е отстранета би можела да биде поради стравот дека доколку владата на единство го вклучува Хамас, тогаш нема да го признаат многу земји како што се Израел, САД, Британија… Па можеби ги отстраниле можностите за влада на единство за првин да осигураат да дојде до помирување.“

Надеж и понатаму постои

Според зборовите на политичкиот аналитичар Сами Хамди, секогаш било премногу оптимистично да се очекува влада на единство на окупираните палестински територии, со оглед на длабоките поделби, како и отворени прашања помеѓу партиите.

„Меѓутоа, секој дијалог секогаш се смета за позитивен развој на настаните. Двете страни се под голем притисок во земјата додека израелските доселеници се населуваат понатаму кон окупираниот Западен Брег, што сугерира дека постои можност за одредено повлекување во преговорите. Шансите за избори исто така ја сугерираат желбата да се смири палестинското население кое во последно време протестираше против палестинското раководство, што додава моментум на можно политичко зближување“, рече Хамди за ТРТ Ворлд.

Уште еден можен позитивен развој на настаните кој може да се види на хоризонтот е разликата која единствениот глас би можела да го направи во мировните преговори со Израел. Еден од главните изговори кој Израел често го наведува да го оправда својот недостаток на волја за учество во мировните преговори е тоа што не постои обединето палестинско водство со кое би разговарале.

Палестинските национални власти ги контролираат деловите на окупираниот Западен брег. Од друга страна, Хамас, кој Израел го смета за терористичка организација, владее со окупираната Газа.

„Сега, доколку Палестинците се обединети и велат дека е ова адресата на која можете да се обратите, да разговарате со „Икс“ (Х), тоа лице или таа група преговарачи, тогаш Палестинците ќе им кажат на нив (израелска влада) дека она што го тврдат не е вистина. Имаме сега еден глас“, вели Хаваш.

Новопотписаниот договор исто така значи дека палестинското водство ќе обезбеди значителен напредок во пресрет на претстојниот самит на Арапската лига кој ќе се одржи во Алжир од 1 до 2 ноември.

„Тие сакаат да одат на самит со нешто околу што арапските држави можат да се обединат, за да обезбедат дека овој договор се имплементира и дека конечно постои пат за Палестинците да се ослободат од секојдневната агресија на Израел“, објаснува Хаваш.

Хаваш на крајот порача дека главен приоритет на палестинското раководство би требало да биде разбирање и договор за тоа што палестинскиот народ треба и сака во овој момент.

„Важно е да се вратиме на основите и да се запрашаме што сакаме. Така ќе најдете луѓе кои повикуваат на завршување на апартхејдот и затоа можеби тогаш сите кои живеат на палестинска земја ќе имаат еднаквост без оглед дали се Евреи или Палестинци. Всушност, она што мислам дека е почетна точка на она што Палестинците го сакаат. Мислам дека тоа е прв чекор пред воопшто дојдеме до перспективата на мирот.“

TRT World
Популарни