Дигитализација може да помогне во родовата еднаквост, рече вицепремиерката на Северна Македонија за политики за добро владеење, Славица Грковска на конференцијата на тема „Жените и дигитализацијата – надминување на бариерите, отворање можности за унапредување на родовата еднаквост” која се организираше денеска во Скопје.
Конференцијата ја организираа телото на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women) и Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP) во Скопје.
Вицепремиерката Грковска, во својот говор рече дека родовата еднаквост е дел од основните принципи на демократијата, додавајќи дека жените не се доволно претставени во раководните позиции.
„Дигитализација може многу да помогне во подобрување на состојбите, како што се новите можности за поголемо учество на жените на пазарот на труд, поголема нивна вклученост во промените и целосно искористување на нивниот потенцијал", рече Грковска.
Таа исто така истакнаа дека жените се соочуваат со родови бариери и дискриминација и во пристапот до услугите, додавајќи дека дигитализацијата може да донесе промена и подобрување.
Раководителката на Канцеларијата на „УН вимен“ во Северна Македонија, Весна Ивановиќ-Кастаред, истакна дека дигитализацијата не е родово неутрална бидејќи жените и девојчињата често пати се спречени или немаат можности и пристап до дигитално образование и дигитални технологии.
„Не само што дигитализацијата не е родово неутрална, туку носи и нови форми на насилство врз жените и девојките каде сторителите се невидливи. Должни сме да ги кажеме и должни сме да ги повториме сите овие работи. Должни сме да ги повторуваме сѐ додека не видиме реална и вистинска промена", рече Ивановиќ-Кастаред.
На конференцијата свое обраќање имаа и постојаниот претставник на УНДП во Северна Македонија, Армен Григорјан; министерoт за информатичко општество и администрација, Азир Алиу; градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
По воведните обраќања се предвидени три панел-дискусии на кои ќе се зборува за создавање можности за работи, трасирање на патот кон дигитална трансформација, учеството на жените на пазарот на трудот, како и за дигиталните алатки за унапредување на родовата еднаквост.