Градската управа на Париз сака да постигне заштеда на енергија со претходно исклучување на ноќното осветлување на Ајфеловата кула, со цел да даде пример за заштеда на енергија како одговор на моменталната енергетска криза.
Градоначалничката на Париз, Ан Идалго, денес треба да го претстави планот за „енергетска трезвеност“ за намалување на потрошувачката на енергија. Меѓу мерките за намалување на потрошувачката на енергија е и исклучувањето на светлата на Ајфеловата кула, пренесува БФМТВ.
Градската управа на Париз предложи светлата целосно да се исклучуваат во 23 часот и 45 минути, кога ќе заминат последните посетители.
Рефлекторите на врвот на кулата висока 330 метри ја направија светилник на ноќното небо во Париз, а 20.000 светилки и даваа на кулата блескав изглед по пет минути на секој час.
Како што се наведува, ноќното осветлување годишно троши 6,7 гигавати електрична енергија на час.
„Постигнатите заштеди на енергија нема да бидат големи, но како најпосетувана знаменитост во светот должни сме да им служиме како добар пример на сите останати. Нашиот симболичен гест е всушност исклучително моќен затоа што во нас се вперени очите на целиот свет“, изјави Жан-Франсоа Мартинс, претседател на зружението Societe d'Exploitation de la Tour Eiffel (SETE) кое управува со Ајфеловата кула.
Француската влада апелираше до поединците, домаќинствата и претпријатијата да користат помалку енергија бидејќи земјата се соочува со недостиг на електрична енергија, гас и гориво предизвикани од руската војна против Украина.
Неколку градови го решаваат проблемот со исклучување на светлата на јавните згради и улици кога не се користат.