Во последните неколку месеци Моник Рук, 34 годишна самохрана мајка на три деца, започна да доаѓа во рекреативниот центар блиско до нејзиниот дом во источниот дел на германската престолнина кој е предводен од „Арка“ добротворна организација која се бори со сиромаштијата кај децата.
Мајката на децата на возраст од десет, седум и две години, доаѓа во центарот неколку пати во неделата со нејзината најмала ќерка, каде покрај игралиштето, затворените рекреативни објекти и материјалите за учење, мајката и ќерката можат да пристапат до дневните ручеци што организацијата им ги обезбедува на семејствата.
Рук беше принудена на овој чекор за да се справи со нејзината сегашна ситуација сред пораст на цените на енергијата кој ја погоди Германија, како европска земја која најмногу се потпира на руските ресурси, по избувнувањето на војната во Украина кон крајот на февруари.
Додека нејзината ќерка си играше на игралиштето, таа посочи дека нејзиното семејство поминува низ тешко време.
„Не се зголемија цените на енергенсите, се зголемија и трошоците за храна и превоз“, вели таа.
„Потребен ми е автомобилот за да можам секој ден да ги носам децата во училиште, но не знам во каква ситуација ќе бидам ако колата се расипе. Многу сум загрижена за месеците што доаѓаат. Знам дека не сум единствена во ваква ситуација, сите се соочуваат со проблеми, но загрижувачки е бидејќи никој не знае што ќе се случи“.
Волфганг Бушер портпарол на „Арка“, вели дека невладината организација поддржува повеќе од 5.000 семејства од ранливите групи низ целата земја и околу 1.800 семејства во Берлин - од кои 95 отсто се самохрани мајки - во области како што се совети, храна, рекреација и образовни активности. . Тој вели дека во овие две децении како што работи во градот никогаш не видел толку сериозна ситуација.
„Сега имаме родители кои ни кажуваат дека не можат да ги прехранат своите деца со редовни оброци за ручек па затоа прескокнуваат еден оброк за да имаат што да им дадат за вечера“, вели Бушер.
Според Бушер, добротворната организација која се соочува и со пад на донациите во последните месеци, бројот на семејства кои ќе доаѓаат во нивните центри ќе се зголемува.
„Веројатно ќе видиме повеќе семејства од Украина, како и семејства од арапските земји кои пристигнаа во претходните години. Тешко е да се каже што ќе се случува“.
Голем шок
Семејствата со еден родител се меѓу многуте кои во моментов се соочуваат со предизвици во услови на економска криза и високи на инфлација, кои се на највисоко ниво во последните речиси пет децении.
Аби Сарипали (34) инженерка за податоци која е родена во Индија и која речиси една деценија живее во Берлин, се пресели во нов дом блиску до центарот на градот. Со сопругот и петгодишната ќерка вели дека преземаат краткорочни мерки за да се справат со поскапувањата на сметките за гас и електрична енергија.
„Плаќаме околу 90 евра за греење и струја секој месец и не предупредија дека тоа може да се дуплира иако потрошувачката е иста“, вели Сарипали.
Таа додава дека носат подебела облека кога греењето е исклучено и поставиле штедливи сијалици, но кога ќе стане постудено ќе мора да го вклучат греењето. Сарипали вели дека забележала како прилагодувањата биле полесни за нејзината ќерка, отколку за неа и сопругот.
„Свесноста за климата е многу застапена тука во училиштата и градинките, така што за децата ова што се случува не е голем шок. За возрасните е поголем затоа што како деца не сме обучени да размислуваме за „umweltschutz“ (заштита на животната средина). Мојот сопруг и јас мораме да се потсетуваме за работи како гасење светла, но ќерка ми е многу подобра во ова и ми ги исклучува работите. Или кога ќе ја пуштам чешмата и ќе ја оставам водата да тече дури и неколку секунди, таа ми вели: „Мамо, треба да ја исклучиш чешмата бидејќи рибите нема да имаат вода во езерцето“.
Малите и средни фирми како пекари, производители и хотели исто така ги чувствуваат ефектите од кризата. Околу 718 германски фирми станаа несолвентни во август, што е скок од 26 отсто во однос на претходната година, објави економскиот институт ИВХ (IWH).
Велнес центрите и бањите, кои се многу популарни во Германија, веќе се меѓу оние кои се принудени да ги променат моделите на потрошувачка на енергија со почетокот на зимата. Тоа е процес што Хелга Роле, 64-годишната менаџерка во Хамам Берлин, најстариот германски центар за турска бања во југоисточниот кварт Кројцберг, веќе го започна.
Сместен во една од најпознатите градби во областа, Шокофабрик - поранешна фабрика за чоколади која служи како самоорганизиран простор кој нуди часови, спортски и други активности за жени и девојки веќе четири децении - амамот се потпира на големи количини енергија.
„Ние трошиме многу енергија за загревање на сауните и бањите и ни беше кажано дека цените би можеле да пораснат шест пати повеќе од она што го плаќаме сега. Со цел да се обидеме и да се подготвиме за зимските месеци што претстојат, почнавме да спроведуваме мерки како што се производство на соларна енергија на нашиот кров и да го истражиме намалувањето на потрошувачката на енергија во амамот преку нови технологии“, вели Роле.
Според Роле, амамот кој има персонал од околу 50 луѓе, исто така ќе мора да ги зголеми цените за третманите за околу 10%, што ќе стапи на сила од следниот месец.
„Општото расположение во амамот предизвикува загриженост. Штотуку излеговме од пандемијата и принудното затворање во тој период, сега ја имаме војната во Украина и сè уште ја имаме неизвесноста со климатските промени. Се надеваме дека сето ова може да заврши наскоро“, вели Роле.