Германија продолжува да експлоатира јаглен и покрај големите демонстрации      Фото: Reuters

Рудниците со отворен коп се сметаа за речиси завршена тема на европско тло, со построгите закони за заштита на природната средина, но енергетската криза и неизвесноста околу стабилноста на енергетскиот систем придонесе да се размислува за отворање нови рудници, особено за експлоатација на енергенси, како и ретки метали.

Таков е најсвежиот пример во германската сојузна држава Северна Рајна-Вестфалија каде при обидот да се активира рудникот за лигнит со отворен коп во Луцерат дојде до судири помеѓу граѓанските и климатските активисти и припадниците на полицијата.

На протестите се појави и шведската активистка Грета Тунберг од глобалното младинско движење за одржување демонстрации за климатски промени. Таа беше и кратко приведена од германската полиција на блокадите па ослободена.

Малото селце кое е напуштено треба да биде разрушено за да се продолжи со експлоатација на јагленот во рудникот кој веќе опфаќа површина од 80 километри квадратни, во страв дека ќе нема доволно енергенси за да се протурка зимата.

Како Европа ги заостри условите за заштита на природата?

Строгите правила за заштита на животната средина беа клучна алатка на ЕУ во справување со последиците од рудниците со отворен коп. Тука се мисли пред се на отпадот од рударството и ископите, особено по неколку сериозни инциденти во Шпанија и Романија.

Главните ризици од отворените копови се истекување на јаловината, напукнување или рушење на браните на вештачките езера каде се врши филтрација на екстрактите, употреба на цијаниди за екстракција на суровините, прекумерна употреба на експлозиви, ширење прашина и штетни честички во воздухот и загадување на водите.

Затоа рударската индустрија беше ограничена со работа во заштитени подрачја од мрежата Натура 2000 каде постојат ретки или ендемски видови кои се загрозени, а постојат планови за нивна конзервација.

germanija rudnici Reuters

Одржливоста најголем проблем на отворените копови

Проблематична е и фазата на затворање на рудникот, односно што да се прави со отворената јама која зафаќа огромна површина и како да се реставрира природата на локацијата.

Тоа ги прави отворените копови најмалку одржливи по завршување на експлоатацијата која може да трае и над 30 години. Но, прашањето е што да се прави потоа со земјиштето и теренот кој изгледа како да е погоден од метеор.

За овие проблеми се размислува долго како да се решат соодветно, што преку законската рамка, што преку иновативни проекти.

Развојот на новите технологии сугерира дека ископаните кратери на рудниците кои се затворени или тие кои ќе бидат затворени во следните десетина години да се пренаменат во складишта за енергетски резерви.

Тоа може да се постигне со примена на хибриден енергетски резервоар за вишоците од производството на обновливи извори на енергија. Со оваа идеја се занимава проектот АТЛАНТИС кој треба да ги даде техничките и економските решенија за изводливоста на иновацијата.

Геовлув е исто така иновативен метод кој создава пејзаж со природен изглед во опфатената површина и заедно со останатите техники за реставрација може да ги подобри живеалиштата и биодиверзитетот со менаџирање на природните и водните ресурси.

Сепак, овие техники и проекти првично беа замислени за справување со последиците од постоечките рудници, а не од нови кои допрва треба да се отвораат или активираат.

TRT Balkan / агенции
Популарни