Кои ќе бидат главните теми на претстојниот климатски самит на ОН?     Фото: AA

Низата катастрофи предизвикани од климатските промени ширум светот веројатно ќе поттикнат финансиите да бидат во главен фокус на претстојниот Самит на ОН за климатски промени, изјави водечки новинар кој известува за климатските промени за агенцијата Анадолија.

Говорејќи пред одржувањето на 27-та Конференцијата на ОН за климатски промени (КОП), која треба да се одржи во Шарм ел-Шеик, Египет од 6 до 18 ноември, директорот за климатски и еколошки вести на Асошиетед прес, Питер Пренгаман, зборуваше за климатските репарации, велејќи дека идејата е „богатите развиени нации да им платат во некоја форма на земјите во развој, за да помогнат во ублажувањето и адаптацијата“.

Со оглед на илјадниците изгубени животи во текот на минатата година и сериозните штети поради катастрофи кои станаа пожестоки и почести поради климатските промени, може да се очекува финансирање од 100 милијарди американски долари кои развиените земји им ги ветија на економиите во развој да се најдат на врвот на агендата на состанокот, рече Пренгаман.

„Тоа не е нова идеја“, додаде тој, „но, сите кризи што ги видовме, сите климатски настани, поплавите во Пакистан, она што се случи таму, мислам дека навистина го зголеми моментумот да се зборува за ова прашање“.

Поплавите од поројните дождови кои не беа претходно видени во Пакистан ова лето преплавија една третина од земјата, одземајќи над 1.700 животи и предизвикајќи штета од околу 40 милијарди долари.

Постојаните дождови и разорните поплави уништија голем дел од инфраструктурата и земјоделското земјиште, стотици илјади куќи, патишта и мостови, усмртувајќи над 750.000 животни, додека пак 45% од обработливото земјиште беше преплавено, што претставува сериозна закана за безбедноста на храната.

Пренгаман вели дека долготрајните дискусии за климатската криза може да достигнат критично ниво, а од конференцијата може да се очекуваат и „многу дискусии за загубите и штетите“ од влијанието на климатските промени.

Фосилните компании ќе бараат глас при носење одлуки

Пренгаман рече дека прашањето за постепено укинување на употребата на јаглен, исто така, најверојатно ќе биде дискутирано.

Истакнувајќи ја потребата Кина и Индија, земјите со најголема количина на употреба на јаглен, да бидат вклучени во овие дискусии, тој рече: „Јагленот е секогаш централен и мислам дека Индија и Кина ќе имаат многу да што да кажат “.

Компаниите за гас и нафта стануваат сè поподготвени „да бидат дел од дискусијата за транзицијата и тврдат дека тие се дел од транзицијата кон чиста енергија“, рече тој. „Значи, ќе видиме многу не само лобирање за нафта и гас, туку и... обид да се осигураме дека тие ќе имаат глас при носењето одлуки“.

Неопходноста на инвестиции во обновливи енергии

Осврнувајќи се на потребата за забрзување на енергетската транзиција, Пренгаман рече: „Тоа што треба да се случи се многу инвестиции во зелени енергии, во истражување и развој и во политики кои навистина помагаат во зголемување на потенцијалот на обновливи извори на енергија“.

„Нам како општества ни треба нафта и гас, да“, призна тој. „Во овој момент не можеме да имаме модерно општество кое функционира само со обновливи енергии додека тие не станат поефикасни“.

Пренгаман дополнително го истакна значењето на забрзувањето на транзицијата кон позелени извори на енергија, нарекувајќи го „насока за напредок“.

„Тоа не е нова идеја“, забележа тој. „Ова е нешто за што владите и многу филантропи зборуваат долго време, а тоа е навистина зелените енергии да се искачат на следното ниво, така што ќе прераснат во извор на енергија за светот“.

Спомнувајќи за означувањето на нуклеарната енергија како чист енергетски ресурс за време на енергетска криза поради руско-украинската војна, што ги ограничува земјите особено во Европа, Пренгаман посочи дека нуклеарната енергија на КОП27 ќе биде оценета како алтернатива на фосилните горива.

„Нуклеарната енергија е контроверзна, но мислам дека како што се приближуваме до 2030 и 2050 година и некои од целите што компаниите и земјите ги поставија за да ги намалат емисиите, нуклеарната енергија ќе добива се повеќе и повеќе шанси бидејќи иако има проблем со отпадот, создава чиста енергија“, смета тој.

Пред одржувањето на КОП27 следниот месец, неодамнешниот извештај на ОН предупреди дека напорите за намалување на емисиите на стакленички гасови остануваат недоволни за да се ограничи порастот на глобалната температура на 1,5 Целзиусови степени до крајот на векот и да се реализира црното сценарио од затоплување од околу 2,5 Целзиусови степени до 2100 година.

„Трендот на намалување на емисиите што се очекува до 2030 година покажува дека државите постигнале одреден напредок оваа година. Но, науката е јасна, а исто така и нашите климатски цели според Парискиот договор“, рече Сајмон Стиел, извршен секретар на ОН за климатски промени.

„Ние сè уште не сме ни блиску до обемот и темпото на намалување на емисиите што се потребни за да нè стават на пат кон свет со загревање од 1,5 степени Целзиусови“, порача Стиел.

Популарни