Европскиот Парламент и Европскиот Совет, како законодавна и извршна власт на ЕУ, постигнаа начелен договор за воспоставување на новата Евро 7 регулатива која ќе постави стандарди за сите видови на возила, но притоа направени се повеќе компромиси за ограничувањата за нивоата на загадување.
Позитивните исчекори на Евро 7 стандардот се што за првпат ќе се воспостават лимити за загадувањето кое го предизвикуваат гумите и сопирачките на возилото.
Истовремено со новата регулатива се наметнуваат повисоки стандарди за долготрајноста и издржливоста на електричните и хибридните мотори.
Во таа насока батериите ќе треба да задржат најмалку 80 отсто од првичниот капацитет по поминати пет години употреба или поминати 100 илјади километри. Капацитетот на батеријата може да падне до 72 отсто по осум години употреба и извозени 160 илјади километри.
Зелен изговор или исчекор во правилна насока
Една од главните критики на новата регулатива е што автомобилските производители ќе може да ги задржат актуелните лимити за загадување со азотни оксиди, јаглеродни моноксиди и хидрокарбонати за моторите на дизел и бензин кои датираат од 2014 година.
Така и „бензинците“ и „дизелашите“ кои загадуваат од 60 до 80 милиграми ПМ честички на километар сега ќе може да се претстават како возила кои го исполнуваат Евро 7 стандардот.
Граѓанските здруженија и невладините организации кои се залагаат за чиста и зелена мобилност и натаму се надеваат дека до поднесување на финалниот текст на регулативата се можни измени и построги критериуми за загадувањето од возилата.
Но, од друга страна земјите членки со развиена автоиндустрија сметаат дека построгите правила и пократките рокови за имплементација на првично предвидените стандарди ќе го погодат секторот на кој му е потребно време за транзиција кон зелена електромобилност.
Истовремено, тврдат дека така ќе се кренеа трошоците за производство што ќе ги погодеше крајните корисници на кои им се потребни пристапни цени на возилата.
„Преку овој договор, успешно постигнавме рамнотежа помеѓу еколошките цели и виталните интереси на производителите. Целта на преговорите беше да се обезбеди достапност на нови помали автомобили со мотори со внатрешно согорување за домашните клиенти и, во исто време, да и се овозможи на автомобилската индустрија да се подготви за очекуваната севкупна трансформација на секторот“, посочи европратеникот Александар Вондра.
Најгласни во овие аргументи била група од осум ЕУ членки предводена од Франција и Италија.
Крајните рокови според новите измени почнуваат да течат од 2030 година за автомобили и комбиња наместо од 2025 година, и од 1 јули 2031 година за автобуси и камиони.