Европскиот парламент (ЕП) одобри закон според кој до крајот на 2024 година ќе биде задолжителна употребата на УСБ-Ц приклучоците за полнење во електронските уреди како паметните телефони, таблети и камери кои се продаваат во државите членки.
На седницата на Генералното собрание на ЕП одржана во Стразбур се дискутираше за нацртот на законот кој има за цел да стандардизира различни приклучоци за полнење на разни електронски уреди како што се УСБ-Ц, Микро УСБ и Лајтнинг и намалување на електронскиот отпад.
Пратениците во Европскиот парламент го одобрија нацрт законот кој ќе го донесе универзално полнење на паметните телефони со 602 гласа „за“ и 13 „против“. Според законот, УСБ-Ц ќе биде нов стандарден приклучок за полнење.
До крајот на 2024 година сите паметни телефони, таблети, дигитални камери, слушалки, преносни конзоли за видео игри, звучници и тастатури ќе имаат УСБ-Ц приклучоци за полнење.
Всушност, еден полнач ќе може да се користи на разни електронски уреди, односно потрошувачите нема да мораат да купуваат кабли и полначи за секој нов уред.
Исто така, ќе бидат усогласени системите за брзо полнење на уредите. Законот ќе се прошири на лаптоп компјутерите во пролетта 2026 година. Овој чекор има за цел да го намали електронскиот отпад.
Откако законот ќе биде официјално одобрен од страна на Европскиот совет ќе стапи на сила со објавување во Службениот весник на ЕУ.
Според пресметките на Европската комисија, оваа промена би заштедела 250 милиони евра (247 милиони долари) за европските потрошувачки и би го намалила е-отпадот за 11.000 тони секоја година.