Обврски за одржлив и обновлив транспорт ќе имаат и земјите од Западен Балкан     Фото: / Photo: AFP



Европските земји успешно го исполнија таргетот од 10% удел во користење на обновлива енергија за потребите на транспортот. Просекот е исполнет на ниво на Европска Унија, но добар дел од земјите и натаму драстично заостануваат. На дното со енергетски удел во транспортот од обновливи извори се Грција, Полска и Летонија каде уделот изнесува околу 5%.

Вистински лидери кои и неколкукратно го надминаа првичниот таргет се земји како Шведска и Норвешка со удел на обновливи извори на енергија во транспортот од над 30%, а добро котираат Финска, Естонија, Холандија Исланд и Луксембург.

Таргетот од 10% удел на обновливи извори на енергија во транспортот се уште не го надминале меѓу другите Литванија, Словачка, Романија, Бугарија, Хрватска, Франција, Чешка.

Данска, Португалија и Шпанија таргетот успешно го надминале во 2021 година, а пак најголемо уназадување се бележи во Италија и Ирска кои паднале под нивото од 10% со забрзување на економската активност и употребата на фосилни горива во транспортот по завршување на затворањата предизвикани од пандемијата со Ковид-19.

Зошто е важен уделот во транспортот?

Главниот принцип врз кој првично уште во 2009 година беше поставен таргетот од 10% на ниво на ЕУ беше намалување на загадувањето и употребата на фосилни горива преку Директивата за обновлива енергија.

Во овој значаен европски документ беа предвидени повеќе инструменти како зголемување на давачките за дизел горивата, како и поттикнување и поддршка на био-горивата.

Шведска ги бележи најдобрите резултати бидејќи во последните 30 години воведе највисоки давачки за загадување од фосилните горива и високи даноци за корисниците на дизел во транспортот.

Предноста на Норвешка лежи во силната поддршка за употреба на електрични возила кои се меѓу врвот во Европа според учеството во севкупниот патнички сообраќај, како и зголемениот удел на обновливите извори на струја во енергетскиот систем.

Земјите од Западен Балкан, како Северна Македонија, Албанија и Србија кои водат преговори за членство во унијата исто така ќе бидат обврзани да ги применат директивите за обновлива енергија и поединечно да преговараат за сопствените таргети кои ќе треба да ги постават во наредниот период.

Вториот дел на оваа директива предвидува зголемување на таргетот до 14% во транспортот да се базира на обновливи извори на енергија и вкупно 40% од целокупната потрошувачка на струја да се црпи од обновлива енергија до 2030 година.

Во тек се и преговорите во рамки на Советот и Парламентот на ЕУ за поединечните таргети по земји членки и општи принципи на енергетскиот пакет за што постигната е првична согласност во рамки на чешкото претседателство со унијата кое завршува на 31 декември.

Една од мерките, која неодамна беше усвоена како резултат на енергетската криза предизвикана од руската воена инвазија на Украина, е побрзото издавање на дозволи за проекти со обновливи извори на енергија, која ќе биде инкорпорирана во директивата преку RePowerEU пакетот.

TRT Balkan
Популарни