На 7 јули се одбележува Светскиот ден на чоколадата     Фото: AFP

Можете ли да замислете свет без чоколадо, без омилениот сладок десерт кој ни создава огромно задоволство? Во изминатиот период често се пласираа шокантни прогнози, дека светот ќе снема чоколадо во наредните три децении, како последица на климатските промени.

Оваа апокалиптична прогноза предвидува дека земјите кои се најголеми производители на какао, основната состојка за чоколадото, дека или ќе немаат повеќе природни услови за нови насади на какао, или пак дека ќе ги заменат со нови монокултури за индустриски потреби.

Но, од каде потекна оваа застрашувачка идеја и дали станува збор за вистина или мит кој со години се шири по интернет „ќошињата“?

На „чоколадниот ден“ кој низ целиот свет се одбележува денес, се навраќаме на една од најголемите интернет дилеми, и ќе се обидеме да ги решиме вашите „слатки маки“.

Дали до 2050 година ќе изчезне најслаткото задоволство?     Фото: Reuters

Чоколадото ќе го спаси светот

На многу страни и профили за мотивација често ќе налетате на клише изреката дека „малку чоколадо може да го спаси светот“. Можеби оваа излитена фраза некогаш ќе добие и буквална смисла, особено со прогнозите за катастрофалните последици на климатските промени врз животната средина.

Еден од главните стравови за „црната 2050 година“ е дека дотогаш температурите значително ќе се подигнат, па така ќе нема природни услови за одгледување на какаовите насади. Недостигот на вода, екстремната топлина, сушата и промената на климата, навистина може да бидат главен проблем за одгледување на многу автохтони култури и намалување на приносите на храна.

Сепак, оваа прогноза се смета дека е една од најнеостварливите бидејќи производителите на какао прават многу чекори за приспособување на климатските промени. Но, дури и одредени светски познати региони да прекинат поради климатските услови, производството би можело да „мигрира“ во други подрачја, смируваат агро-експертите од Универзитетот Беркли од Калифорнија.

Како и да е, грижата за чоколадото навистина може да поттикне многумина да преземат климатски акции и да спречат поголеми последици врз животната средина, па овој десерт, можеби навистина ќе придонесе за „спас на светот“.

Какаото најмногу се произведува во Африка     Фото: Reuters

Слатко-горчливо решение

Производството на какао растението е најзастапено во Западна Африка, регион кој според најцрните сценарија на Меѓувладиниот панел за климатски промени на Обединетите Нации ќе биде силно погоден од растот на температурите.

Овој регион според прогнозите во сценарио каде не би се презеле никакви мерки ќе биде потопол за над 2 степени Целзиусови, па така земјиштето ќе биде непогодно за растење на какото, а ќе се зголеми и влијанието на болестите и штетниците.

Но, утеха за љубителите на чоколадото секако дека постои. Научниците работат на генетска модификација на какао растението кое ќе биде поотпорно на влијанието на болести, инсекти и разни штетници кои го уништуваат.

Секако, употребата на КРИСПР технологијата за генетско уредување на какаото може да предизвика други проблеми, но е едно од можните решенија.

Скапо задоволство

Другата закана за достапноста на чоколадото е од економска природа, односно како што се зголемува профитабилноста на култури како сојата, палмите за производство на масло, и други растенија.

Традиционалните одгледувачи на какао може едноставно да се решат да ги променат насадите со индустриска култура која можеби повеќе ќе им биде исплатлива.

Во меѓувреме како што се засилува економската криза и недостигот на храна и достава на состојки, така се повеќе растат и ценовните притисоци врз какаото на светските берзи. Чоколадото станува се поскапо, и се поголем „луксуз“ кој се поретко ќе си го дозволуваме.

Така, високите цени и намалениот избор во понудата се многу пореални закани за љубителите на чоколадните задоволства.

TRT Balkan
Популарни