Заштитата на озонот беше првата сеопфатна светска акција за која властите ги послушаа предупредувањата на научниците и преземаа конкретни мерки за забрана на штетните хемикалии. Сега, 35 години од првиот меѓународно потпишан документ, Протоколот од Монтреал прифатен од сите држави членки на Обединетите Нации (ОН), промените се очигледни, озонот како главна одбрана на планетата од сончевата радијација, се опоравува.
Но, по 35 години, не постои идентична политичка волја да се преземат итни акции и мерки за справување на климатските промени и глобалното затоплување на идентичен начин со координирани и усогласени политики на светско ниво.
Во обид да се задржат позитивните промени од мерките за заштита на озонот, научниците прават сценарио во кое ги прикажуваат можните последици доколку во овие 35 години не беа преземени одлучните чекори. Тоа е најдоброто предупредување доколку на пример следните 35 години се потрошат без конкретни мерки за справување со климатската криза, односно какви се би биле последиците врз човековиот живот.
Од пропаст до обнова
На 16 септември 1987 година беше потпишан Протоколот од Монтреал кој ги обврза земјите да ги забранат хемикалиите кои се користат за разладување на клима уредите, фрижидерите, потоа препратите во спрејовите, како и сите видови на халогени (ХФС) за индустриска употреба. Нивниот состав го спречува природниот процес на обнова на молекулите на кислород на озонот со што во земјината атмосфера се задржуваат како силни стакленички гасови.
Научните истражувања кои открија дека над планетата има огромна „дупка“ во озонот ги принуди меѓународните организации и политичари да преземат итни мерки. Во спротивно последиците би биле несогледливи, од раст на очни и кожни заболувања, намалени приноси на храна, уништување на животински видови и нарушување на еко-системите.
Според проценките на научните извештаи со кои располагаат ОН, озонската обвивка која особено беше пробиена над земјините полови, се очекува да се обнови речиси целосно до 2050 година.
Чекор до следниот подвиг
Во последните речиси четири декади околу 99% од хемикалиите кои го уништуваа озонот повеќе не се во употреба, но и натаму главен проблем за глобалното затоплување и засилување на климатската криза е прекумерното загадување со стакленички гасови во атмосферата.
Тие спречуваат зраците од Сонцето при одбивање од површината да излезат од атмосферата, па така температурите растат се повеќе и повеќе, предизвикувајќи промени во климатските системи.
Дел од гасовите кои ги заменија халогените се покажаа дека имаат неколкукратно поголемо штетно влијание врз ефектот на стаклена градина дури и од јаглеродниот диоксид. Затоа кон Протоколот од Монтреал во 2016 година со Амандманот од Кингали беше договорена забрана за употреба на ХФС хемиските елементи со што научниците проценуваат дека ќе се спречи предвиденото зголемува на глобалните температури од 0,4 целзиусови степени до крајот на векот.