И покрај проектите вредни милијарди долари и натаму новите технологии за т.н. заробување или прочистување на јаглеродниот диоксид (ЦО2) учествуваат со само 45 милиони тони во годишното ублажување на загадувањето.
Според студијата на Универзитетот во Оксфорд, речиси целосното заробување на ЦО2 се должи природата, односно на шумите.
Годишно околу 2 милијарди тони ЦО2 се отстрануваат од атмосферата преку шумите што делува ублажувачки за последиците од загадувањето, но далеку под сценаријата од климатскиот договор од Париз.
Недостиг на информации
За да се спречи затоплување на планетата од над 1,5 Целзиусови степени во споредба со прединдустрискиот период, до 2050 година потребно е на годишно ниво да се заробат 1300 пати повеќе тони ЦО2 од загадувањето кое го предизвикуваат човечките активности.
Исто така е потребно двојно зголемување на површината на шуми и зеленило за да се отстрани вишокот на емисии на ЦО2 во атмосферата што ќе спречи катастрофални последици на климатските промени, проценуваат научниците.
„И покрај зголемениот интерес за проблемот и зголемените инвестиции, постојат големи празнини во процесот“, вели Стив Смит еден од коавторите на студијата на Оксфорд.
Отстранувањето на ЦО2 вклучува заробување на стакленички гасови од атмосферата и нивно складирање на долг временски период под земја, во океаните, во геолошки формации или во производи.
Сепак, за подобри резултати неопходна е подобра координираност на глобално ниво и споделување на научни информации, смета Смит.
Колку пари ќе се потрошат?
Околу 4 милијарди долари досега биле вложени во научни истражување во периодот од 2020 до 2022 година, додека пак во конкретни технологии се инвестирани 200 милиони долари.
Таа сума треба неколкукратно да порасне следните години, дел од финансиите ќе го гарантираат приватните компании, а дел преку полнење на буџетските каси на државите преку нови форми на даночни оптоварувања за загадувачките сектори. .
Министерството за енергетика на САД распредели 3,7 милијарди долари за финансирање проекти за отстранување на ЦO2, додека пак Европската Унија преку фондовите за клима и енергетика планира да острани околу 5 милиони тони јаглероден диоксид до 2030 година.