Половина од земјите во светот немаат соодветни системи за рано предупредување за можни природни катастрофи и екстремни климатски настани. Најслабо се подготвени земјите кои не се развиени, особено со системи кои имаат повеќефункционален пристап на следење и детектирање катастрофи.
Само во 2021 година се случиле над 400 природни катастрофи со штетни последици, а материјалните штети се проценуваат на над 260 милијарди евра.
Затоа, Обединетите нации го назначија 13 октомври, како Mеѓународен ден на за намалување на ризикот од катастрофи, со амбициозен план до 2030 година сите земји да воведат соодветни системи кои навремено ќе го предупредат цивилното население, но и бизнисите.
Според извештајот кој го објавија агенциите на ОН за клима и намалување на ризикот од катастрофи, во сиромашните региони каде нема функционални системи за предупредување, стапката на смртност од природни катастрофи е за осум пати повисока.
„Екстремни временски настани ќе се случуваат, но не треба да останат и смртоносни“, посочи Антонио Гутереш генералниот секретар на ОН.
Вообичаено напредните системи се мултифункционални, односно служат за навремено детектирање на природни катастрофи како поплави, пожари, топлотни бранови, бури и други видови на екстремни временски настани.
Тие треба да бидат насочени кон луѓето, односно да служат за навремено известување на цивилното население и компаниите за евакуација и подготовка за можните закани и ризици по електронски пат, најчесто преку испраќање узбуни на телефон, но и општо и итно предупредување на јавноста.
Загрижува и тоа што најпогодените региони, се и најранливи на климатските промени, а всушност имаат најмал удел во создавањето на штетните нивоа на загадување кои го предизвикуваат глобалното затоплување.
Проценките на ОН се дека со соодветни системи за навремено предупредување може до 30% да се намалат последиците со материјални штети и да се спасат повеќе човечки животи, односно никој да не биде изоставен.