Манастирот Сумела во Трабзон, североисточна Туркије, кој пред повеќе од 1.600 години е исклесан во карпите во шумското подрачје на падините на планината Карадаг, привлекува многубројни туристи.
Манастирот Сумела е една од најпосетените дестинации на истокот од Црноморскиот Регион, а неговиот несекојдневен изглед и местоположба го чинат специфичен во секое време од годината, па и во студените и снежни денови. Манастирот е исклесан во стрмна карпа на височина од 1.200 метри, речиси над провалија. Тоа го прави исклучително географски, историски и културно значаен, но и туристички атрактивен.
Манастирскиот комплекс Сумела се состои од пештерска црква, која е центар на целата градба, неколку капели, кујни, студентски соби и простории за туристи, библиотека и извор на света вода.
Њутн Ли, еден од посетителите на манастирот од САД, рече дека никогаш претходно не видел вакво место, наведувајќи дека многу му се допаѓаат фреските во манастирот.
„Мислам дека тоа е навистина неверојатно место и е прилично добро сочувано“, рече Ли.
Ајлин Каплан, државјанка на Украина од Германија, рече дека и претходно планирала да го посети манастирот Сумела, но дека бил во фаза на реставрација.
„Ова е навистина одлична можност да се видат остатоците од наследството на православната заедница овде во Трабзон“, рече таа.
Манастирот по петгодишен процес на реставрација повторно е отворен за посети во 2021 година. Во обновата на манастирот, што се состоеше од три фази, извршено е уредување на манастирот и осигурување на карпата, а за реставрацијата издвоени се 57 милиони турски лири (5,5 милиони евра).
Неколку месеци потоа, привремено беше затворен поради опасност од одрон на карпи. Повторно е отворен во мај 2022 година.
Манастирот, кој на своите посетители им нуди различни можности како трекинг, планински велосипедизам и фотосафари, како и единствен поглед, од неговото повторно отворање минатата година пречека над 217.000 туристи.