61- годишна скопјанка го роди своето прво дете / Photo: AA Archive

Скопјанка на возраст од 61 година го роди своето прво дете, што претставува историски момент за македонското здравство.

Директорката на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, Ирена Алексиовска-Папестиев, по овој повод одржа вонредна прес-конференција на која информираше дека станува збор за 61-годишна жена.

„Дека во светот на медицината не постојат повеќе граници и дека медицината во Македонија може да се мери со онаа во светски граници, говори и раѓањето на бебето Петар коешто на свет го донесе највозрасната пациентка во нашата држава“, рече Алексиовска-Папестиев.

Директорката исто така објасни дека „оваа пациентка е прв случај на бременост со сопствена јајце-клетка којашто била криопрезервирана, односно замрзната, и која добила инвитро третман во нашата држава.“

Таа додаде дека цела бременост на пациентката била следена во Северна Македонија и раѓањето е завршено на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство.

„Кај пациентката направивме царски рез по 36-тата гестациска недела и истата роди плод, Петар, којшто беше тежок 2 килограми и 350 грама и 48 сантиметри долг. Оперативниот тек помина уредно. Во текот на своето акушерско минато, оваа 'мајка хероина' којашто ние ја нарековме така, имала богато гинеколошко и акушерско минато“, рече директорката Ирена Алексиовска-Папестиев, додавајќи дека пациентката имала три претходни интервенции, од коишто две се направени во Белград, и една на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.

TRT Balkan / агенции
Популарни