Џафери и Кодели изразија надеж дека двете земји заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција / Photo: AA

Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, оствари средба со делегацијата на Комисијата за надворешна политика на Собранието на Албанија, предводена од Мими Кодели, претседателката на Комисијата.

Како што стои во соопштението на Собранието, Џафери изрази големо задоволство од средбата и истакна дека двете земји градат одлични билатерални односи, со интензивен политички дијалог и соработка во значителен број области од заемен интерес.

„Интензитетот на реализирани билатерални посети на сите нивоа е еден од најдобрите показатели за квалитетот на односите меѓу двете држави. Тој изрази убедување дека таа соработка ќе продолжи и во иднина, со уште поголема динамика. Северна Македонија и Албанија споделуваат заеднички цели и интереси на надворешнополитички план, а тоа е членството во Европската Унија, соработката во рамките на НАТО, како и продлабочувањето на регионалната соработка“, стои во соопштението.

Џафери ги информираше колегите пратеници од албанското Собрание за донесувањето на новиот Деловник за работа на Собранието со консензус и по повеќегодишен заеднички труд, како и за неодамнешното одржување на Дијалогот Жан Моне на Собранието со Европскиот парламент во куќата на Жан Моне во Базош, Франција.

Претседателката на Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Албанија, Кодели, истакна дека двете земји споделуваат заеднички вредности и историја, како и заеднички аспирации за членство во Европската Унија. Таа истакна дека е потребна натамошна демократизација на сите земји од Западниот Балкан, со цел целиот регион да стане дел од Европската Унија.

„Таа укажа дека имаат длабока почит за напорите и тешките одлуки кои ги донела Република Северна Македонија, имајќи ја предвид иднината на земјата и благосостојбата на граѓаните“, стои во соопштението.

Двајцата соговорници изразија очекување и надеж дека Северна Македонија и Албанија заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, додавајќи дека тоа би било добро и за останатите земји од регионот, бидејќи заедничка е посветеноста за сеопфатен развој на Западен Балкан.

AA
Популарни