Најголем дел од граѓаните на Скопје сметаат дека квалитетот на живот е полош отколку пред пет години / Photo: Reuters

Пет главни градови на земји од Балканот се наоѓаат меѓу десетте градови во Европа во кои граѓаните се чувствуваат најмалку задоволни со квалитетот на животот. Тоа се Атина,Тирана, Белград, Скопје и Подгорица. Ова го покажува последното истражување на Европската унија.

Анализирани се 83 градови. Меѓу нив Скопје се наоѓа на 76 место. 72 проценти од граѓаните на Скопје одговориле дека се задоволни од квалитетот на животот. Подгорица се наоѓа на 74 место каде 77 отсто од граѓаните одговориле дека се задоволни.

Во Белград 69 проценти од граѓаните се задоволни, а главниот град на Србија според ова се наоѓа на 78 место. Тирана каде задоволни од квалитетот на животот се 66 проценти се наоѓа на 80 место, а од регионот меѓу оние градови кои се опфатени најслабо е рангирана Атина на 82 место со 66 проценти граѓани кои се задоволни од квалитетот на животот.

Најзадоволни од квалитетот на животот во Европа се граѓаните на Цирих со 97 проценти. Потоа следуваат Копенхаген и Гронинген со 96 проценти, Гдањск, Лајпциг, Стокхолм и Женева со 95 отсто и Росток, Клуж и Брага со 94 отсто. Најслабо рангиран е Палермо и таму 62 проценти од граѓаните одговориле дека се задоволни од квалитетот на животот.

Споредба 2018 со 2023, Скопје на претпоследно место

Скопје е на претпоследното место според оценката дали квалитетот на животот во градот е зголемен во споредба од пред 5 години. Само 13 отсто скопјани оцениле дека квалитетот на животот во Скопје е подобар отколку пред пет години. Полошо е пласиран единствено Рим, каде само три проценти од жителите сметаат дека состојбата е подобрена изминатите пет години.

Нешто позадоволни од скопјани се жителите на Болоња со 14 отсто, на Стокхолм и Минхен со по 15, на Барселона и Торино со по 16, на Малме и Дортмунд со по 17 и на Берлин со 18 проценти.

Најголем проценти од оние кои сметаат дека квалитетот на живот во нивниот град се подобрил во споредба од пред пет години се пред се жителите на земјите од Источна Европа, кои станаа членки на ЕУ при големо проширување на блокот во 2004 година. На водечките позиции се полските градови Бјалисток и Гдањск со 64, односно 60 отсто задоволство, пред Клуж со 59, литвански Вилнус со 56, чешка Острава со 55, полски Краков и естонски Талин со по 53, бугарска Софија со 52, полска Варшава со 46, како и турскиот град Анталија со 45 проценти.

Истражувањето опфаќа разни прашања како квалитет на живот за млади луѓе, возрасни луѓе, мигранти, квалитет на јавен превоз, безбедност, доверливост, наоѓање станбен простор по достапни цени, квалитет на јавен превоз, задоволство од финансиска состојба, услови за возење велосипед.


TRT Balkan / агенции
Популарни