Министерот за трговија на Туркије, Омер Болат, присуствуваше на отворањето на новата болница на Групацијата на Болницата „Санте Плус“, која функционира и во Северна Македонија.
Болат, кој престојува во Скопје по повод Бизнис-форумот Туркије-Северна Македонија и за официјални средби, присуствуваше на отворањето на новата болницата на „Санте Плус“ во Скопје.
На свеченото отворање, покрај Болат и неговата делегација, присуствуваа и вицепремиерот за добро владеење на Северна Македонија, Арбен Фетаи, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, министерот без ресор задолжен за Ромите, Шабан Салиу, заменик-министри, пратениците од турската заедница во земјава Салих Мурат и Бејџан Иљас, амбасадорот на Туркије во Скопје, Фатих Улусој, претставници на турски институции и организации во земјава и голем број гости.
Во својот говор, министерот Болат рече дека оваа здравствена установа ќе почне да служи како нова врска на одлични односи и соработка меѓу Туркије и балканските простори, а особено меѓу Туркије и Северна Македонија.
Истакнувајќи дека се многу задоволни од многу добрите и постојано растечки односи меѓу двете земји на многу полиња, политички, културни, воени, трговски, инвестициски, градежни и туристички, Болат рече дека неговата посета ќе има за цел да ги подигне и зголеми уште повеќе овие соработки.
- „Ќе имаме многу посилна соработка меѓу Туркије и Северна Македонија во наредниот период“ -
Болат истакна дека во Северна Македонија имале продуктивни средби со неговата висока делегација. Посочи дека имале продуктивни средби со премиерот Христијан Мицкоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и со министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Осврнувајќи се на другите негови контакти во земјата, Болат рече: „Во наредниот период ќе имаме многу посилна соработка меѓу Туркије и Северна Македонија во однос на трговијата, инвестициите, енергијата, одбраната и инфраструктурата. Задоволни сме што Република Северна Македонија ја покажа истата волја. Се надеваме дека Туркије и Северна Македонија заедно ќе постигнат посилна иднина“.
„Почестени сме што силна група инвеститори од Туркије отвора нова болница овде во областа на здравството, која е еден од најважните делови од човечкиот живот и која ни е најпотребна. Направени се големи реформи и револуција во полето на здравството во Туркије. Ние сме меѓу земјите со најдобри здравствени услуги во светот. Задоволни сме и што инвестициите на ова поле се шират низ светот и на Балканот“, изјави Болат.
Од друга страна, министерот Фетаи, изрази задоволство што присуствува на ова отворање и рече: „Оваа болница го означува проширувањето на мрежата на Санте Плус во Северна Македонија, приклучувајќи се на болниците во Туркије, Албанија, Косово, Црна Гора и Србија. Тоа е голем чекор за подобрување на здравствените услуги и вреден придонес за здравјето на нашите граѓани“.
Заблагодарувајќи се на Групацијата „Санте Плус“ во име на Владата на Северна Македонија за овие инвестиции во областа на здравството, Фетаи истакна дека отворањето нови болници придонесува за зголемување на квалитетот на услугите во здравството.
Сопственикот на Групацијата „Санте Плус“, д-р Билал Кара, рече дека ова е 9-та болница на Балканот и четврта во Северна Македонија.
Потсетувајќи дека нивната прва инвестиција во странство во 2015 година беше во Скопје, Кара рече: „Денес, додаваме уште една важна алка во синџирот на услуги, благодарение на посветената работа на нашите лекари и здравствени работници од Северна Македонија и Туркије“.
Министерот Болат го посети Меѓународниот балкански универзитет
Во рамки на својата посета на Северна Македонија, министерот Болат го посети и Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) во главниот град Скопје.
Болат одржа состанок со раководството на ИБУ и доби информации за работата.
Во текот на неговиот престој во земјата, Болат е придружуван од амбасадорот на Туркије во Скопје, Улусој, и неговата делегација.