Пожарникарите и војската веќе трет ден се обидуваат да го изгаснат пожарот кој се шири во воената база Ново Село на истокот на Бугарија. Пожарот избувна во текот на воената вежба на 5 октомври на полигонот во воената база во која престојуваат и американските војници во составот на НАТО.
Министерството за одбрана на Бугарија соопшти дека пожарот го зафати подрачјето од околу 300 хектари и дека во гаснењето учествуваат и воени хеликоптери.
„Пожарникарите и воениот персонал се борат во отежнати услови и се уште не го ставија пожарот под контрола“, се наведува во соопштението.
Нагласено е дека се огнот се движи и кон складиштето за муниција во таа воена база и можноста од експлозии го зголемува ризикот при гаснењето.
Воената база Ново Село е основана во 1962 година на површина од 144 квадратни километри. Околу 2.500 војници, воглавно од САД, поминуваат обука во ротација.