Иако нема директна воена закана кон некоја од земјите во регионот, сепак има причини за загриженост за состојбите поради зголемување на тензиите. Западниот Балкан е стратешки важен за НАТО изјави денеска во Скопје генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенбер по состанокот со лидерите на НАТО сојузниците од регионот.
“Гледаме закани за сецесионизам во БиХ, кревка безбедносна состојба во Косово и застој во преговорите меѓу Белград и Приштина, а авторитарните држави како Русија го загрозуваат нашиот демократски интегритет со кибер закани, истакна Столтенберг на прес-конференцијата со македонскиот премиер Димитар Ковачевски, неговите колеги од Албанија и Црна Гора, Еди Рама и Милојко Спајиќ и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.
Столтенберг истакна дека НАТО е присутен во овој регион со години и дека секогаш Алијансата е претпазлива и од блиску ја набљудува состојбата. Според генералниот секретар на НАТО важни се начините на соработка со партнерите од регионот и стабилизирањето на соседството на Алијансата. Обраќајќи им се на сите во регионот генералниот секретар на НАТО истакна дека треба да се одберат дијалогот и дипломатијата, а не конфликтот и војната. Дијалогот рече дека е суштински и во односите Белград – Приштина.
“Во Косово го зголемивме нашето присуство со околу 1000 дополнителни војници и со потешко вооружување. Кога нашите соседи се постабилни, ние сме посигурни. Затоа ми е важно да седнам со сите лидери од овој регион и да ги споделам нашите проценки, бидејќи така ќе можеме подобро да сфатиме како да напредуваме”, рече Столтенберг.
Македонскиот премиер Димитар ковачевски рече дека безбедносната ситуација во Северна Македонија е стабилна и дека нема никакви индикации за нејзино нарушување.
“Нивото на информации кое што безбедносните служби на нашата држава ги имаат, а истите се дел од безбедносните служби на НАТО и информациите ги споделуваат со партнерските безбедносни служби од земјите членки на НАТО - тука спаѓаат најразвиените држави во светот со најразвиени безбедносни механизми, во однос на поединци, групи и организации кои сакаат да го нарушат нивото на безбедноста во која било земја членка на НАТО од регинот, вклучително и нашата, е на ниво кое што е незамисливо за оние кои не се во детали вклучени во вакви прашања”, изјави Ковачевски.
Албанскиот премиер Еди Рама истакна дека НАТО треба да биде повеќе присутно во Косово. И да се ангажира за поголеми трупи на границата меѓу Косово и Србија. Косово според Рама треба да го забрза процесот на интегрирање во Алијансата. Според премиерот на Албанија дијалогот е единствениот начин за решавање на отворените прашања меѓу Белград и Приштина.
“Со ова сите се согласуваме и имаме и заедничка желба следниот формат на ваков неформален состанок да се оствари и со присуство на други земји од ЗБ кои што не се дел од Алијансата, но имаат договори за партнерство со НАТО. Ова е исклучително важно. Не треба да се забораи дека мирот што го имаме во регионот е многу ценет, иако е кревок. Тоа е стратешка цел за сите и без оглед на се”, изјави Рама.
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ исто така се осврна на косовското прашање. Говорејќи за последните инциденти и истакна дека со причина бил воздржан за алтернативата за воведување санкции за Србија.
„Бев воздржан бидејќи сметам дека санкциите како инструмент на надворешната политика се промашени, и тоа не го правев за да ја ослободам Хрватска од каква било одговорност за некое недозволено однесување, туку од лично уверување, и без да очекувам каква било противуслуга”, рече Милановиќ.
Црногоркиот премиер Милојко Спајиќ исто така истакна дека регионот е стратешки важен за Алијансата. Спајиќ рече дека на состанокот се разговарало за посветеноста на НАТО за долготрајна стабилност на Западен Балкан. Неговото присуство на средбата како што рече е доказ за посветеноста на Црна Гора на исполнувањето на стратешките цели на надворешната политика кои подразбираат членство во НАТО и ЕУ и зајакната регионална соработка.
На состанокот беше изнесен предлог за воспоставување на нов начин на соработка на регионот и НАТО кој ќе ги вклучува не само членките на Алијансата туку и Босна и Херцеговина, Косово и Србија.