Земјава не смее да се откаже од европската интеграција, истакна Ковачевски / Photo: Влада на РСМ

Да не се самозалажуваме и да ги залажуваме граѓаните за промени во однос на преговарачката рамка или во процесот на проширување, затоа што на крајот од тоа нема да има корист за никого.

Ова го порача денеска во Брисел македонскиот премиер Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање за синоќешната изјава на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел дека, иако проширувањето е процес базиран на заслуги, сепак во носењето одлуки за него мора да се води сметка за комплексноста на ситуацијата во Европа.

“ Комплексноста е од аспект на тоа што ЕУ започна процес на своја внатрешна подготовка за прием на нови членки и тие својата цел за тоа ја поставија до 2030 година. Исто како што ние имаме цел до 2030 година во однос на реформите коишто треба да се донесат, изјави Ковачевски на прес-конференција на крајот на неговата дводневна работна посета на Брисел, каде вчера учествуваше на Самитот ЕУ-Западен Балкан.

Тој потенцира дека единствен отежнувачки фактор зошто не е одржана втората Меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ, која што е јасно наведена во заклучоците, е како што рече антиевропската, анти-ЕУ, анти-НАТО и проруска коалиција во Северна Македонија.

Премиерот нагласи дека со својата стопроцентна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика со ЕУ, засилената заложба за спроведување на реформите, како и меѓународната поддршка која секојдневно ја добива, земјава не смее да се откаже од европската интеграција.

“Штом бидат спроведени амандманите на Уставот во Северна Македонија, што се од техничка природа, што сите вие тоа го знаете, бидејќи нема никаква забелешка во однос на амандманите, тогаш ќе биде одржана втората Меѓувладина конференција”, рече Ковачевски.

Премиерот Ковачевски додаде дека Самитот ЕУ-Западен Балкан беше одлична можност на највисоко ниво да се говори за заедничката европска иднина на земјите од Западен Балкан, односно нашата цврста решеност и визија дека ЕУ како и досега останува најголем и најсигурен партнер на Северна Македонија и на регионот.

TRT Balkan / агенции
Популарни