Апелирам до сите родители, ве молам, вакцините заштитуваат живот, подвлече Меџити / Photo: Министерство за здравство на РСМ

Четири нови случаи на голема кашлица се евидентирани во земјава, со што бројот се зголеми на вкупно 22 од почетокот на годината.

Информацијата за МИА ја потврди портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ.

Комисијата заседаваше вчера и предложи прогласување епидемија на територијата на град Скопје.

Во државава има хоспитализирани деца, но и возрасни со пертусис или народски кажано, голема или магарешка кашлица.

Надлежните сепак велат оти кај нас состојбата е стабилна и за разлика од други држави во регионот немаме смртни случаи.

Министерот за здравство во техничката Влада, Фатмир Меџити, кој се соочува со можност да биде разрешен откако техничкиот премиер Талат Џафери доставил барање за негово разрешување до претседателот на Собранието, денеска изјави дека ќе го потпише документот за прогласување епидемија на голема кашлица во Скопје, по вчерашната препорака на Комисијата за заразни болести.

“Од службите сега ме известија дека сѐ е процесуирано и оттука ќе одам да го потпишам и ќе го пратиме до вакциналните пунктови веднаш да стапи во сила“, одговори Меџити прашан околку процедурата за прогласување епидемија на голема кашлица.

Меџити рече и дека препораката од Комисијата за заразни болести за забрана за прием на невакцинирани деца во градинките треба да се сфати во позитивен контекст.

„Ова не е дека е некоја забрана или сакаме некого да казниме. Ова е тоа што сакаме да ги стимулираме, сакаме нивните деца да бидат здрави и живи, да имаме подобра иднина како држава. Апелирам до сите родители, ве молам, вакцините заштитуваат живот“, подвлече Меџити.

Тој се осврна и на проверувањето вакцинални картони, при што нагласи дека на тоа се работи, но оти процедурата е се уште во тек. Кога резултатите ќе бидат целосни, најави дека ќе бидат споделени со јавноста.

TRT Balkan / агенции
Популарни