Јавното сообраќајно претпријатие - Скопје (ЈСП) ги повлече сите автобуси од сообраќај, откако изутрина на електронската пошта на претпријатието било испратено предупредување дека ќе биде поставена бомба во еден од автобусите.     Фото: МИА

Јавното сообраќајно претпријатие - Скопје (ЈСП) ги повлече сите автобуси од сообраќај, откако изутрина на електронската пошта на претпријатието било испратено предупредување дека ќе биде поставена бомба во еден од автобусите.

Од МВР го потврдија случајот и соопштија дека е приведено едно лице вработено во ЈСП.

Од Министерството нагласуваат дека се вршат антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

„Од неговата електронска пошта до службената на ЈСП и до е-адресите на сите директори, службите за финансии, правни и други служби во ЈСП бил пратен мејл со закана дека поради нередовното земање плата планирал да постави бомба во автобус на ЈСП, која би експлодирала денеска за време на протестите“, се вели во соопштението на Министерството.

ЈСП најави протест денеска напладне пред Владата поради долгот за кој претпријатието тврди дека должи централната власт.

Град Скопје бара Владата да го исплати долгот кон ЈСП

Град Скопје бара Владата да го исплати долгот кон ЈСП, со цел претпријатието да им ги исплати платите на работниците, бидејќи во моментов, според надлежните од Град Скопје, претпријатието е во „катастрофална состојба“. Според нив, долгот на Министерството за образование и наука за превоз на ученици и студенти е 2 милиони евра, долгот на општините е 40 милиони денари, а наследениот долг е 90 милиони денари.

Владата ги отфрли тврдењата на Град Скопје

Од друга страна, Владата ги отфрли овие тврдења на Град Скопје и ЈСП. Според неа, централната власт нема долг кон ЈСП. Од Владата потенцираат дека состојбата во која се наоѓа ЈСП го покажува неодговорниот начин на претпријатието во управувањето со средствата наменети за превозот на ученици и ненавременото плаќање на обврските на претпријатието.

AA
Популарни