Ердоган: Нема да ја заборавиме Сребреница, светот е на испит на човечноста / Photo: AA

Претседателот на Република Туркије Реџеп Таип Ердоган порача денес, по повод одбележувањето на 29-годишнина од геноцидот во Сребреница, дека целиот свет минува низ испитот на човечноста и искреноста.

„Денес одбележуваме 29 години од геноцидот во Сребреница кој остави црна дамка во историјата на човештвото“, порача Ердоган во видеопораката емитувана на комеморацијата во Поточари која ја најави министерот за правда на Туркије Јилмаз Тунч, претставникот на оваа земја на овогодишната комеморација.

На овој тажен ден, како што рече Ердоган, „уште еднаш во свое име и во името на својот народ изразувам искрено сочувство на ожалостените семејства на нашите шехиди (маченици) и на нашите бошњачки браќа и сестри.“

Тој го нагласи значењето на зачувување на сеќавањето на мудроста и горката вистина во збороите на рахметли Алија Изетбеговиќ, првиот претседател на Босна и Херцеговина, голем државник со големи и идеи и движења, кој како што рече: „Што и да правите, не заборавете го геноцидот, бидејќи геноцидот кој се заборава, се повторува!“

„Нема да ја заборавиме Сребреница и нема да дозволиме да биде заборавена, за да не се повтори слично злосторство никаде во светот“, рече Ердоган и додаде:

„Се молам душите на нашите шехиди (маченици) да почиваат во мир и да бидат во рајот. Го молам милиот Бог да ги почести сите наши маченици со својот рај и неговата убавина. Свесни сме дека болката на нашите мајки и сестри кои ги загубија своите најблиски во Сребреница е свежо како вчера, го молам милиот Бог да им даде трпение на семејствата на нашите маченици и на нашите браќа и сестри Бошњаци кои доживуваат обнова на болка секој 11 јули.“

„Одговорните за варваризам во Газа порано или подоцна ќе одговараат“

Турскиот претседател потсети и на нацртот на резолуцијата за геноцидот во Сребреница усвоен во Генералното собрание на ОН.

„Како што знаете, нацрт-резолуцијата за прогласување на 11 јули за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница, чиј еден од коспонзорите беше Туркије, беше прифатена на Генералното собрание на Обединетите нации на 23 мај. Благодарам на сите кои придонесоа во сите фази на оваа одлука, од нејзината подготовка до нејзиното усвојување. Сметаме дека оваа одлука треба да послужи како пример, мракот сличен на геноцидот во Сребреница да не се повтори никаде во светот“, рече Ердоган. Тој потсети на заканите врз палестинскиот народ во Газа и на окупираната палестинска територија.

„Сепак, денес палестинскиот народ во Газа и окупираните палестински територии се изложени на злосторства слични на злосторствата доживеани во Сребреница пред 29 години. Меѓународните институции и организации само го следат убиството на околу 40 илјади невини луѓе, вклучително и 16 илјади деца, исто како и пред 29 години“, рече Ердоган со порака дека целиот свет минува низ тест на хуманоста и искреноста.

„Оние кои се одговорни за варварството во Газа порано или подоцна ќе одговараат на меѓународното право, исто како и во Сребреница. Туркије ќе продолжи да прави се за да се погрижи правдата да биде задоволена и сторителите на геноцидот да одговараат“, кажа турскиот претседател.

„Од локалните власти очекуваме заштита на повратниците“

Ердоган изрази жалење поради негирање на геноцидот во Сребреница и величање на воените злосторници.

„Тука, уште еднаш, сакам да го изразам своето жалење за постоењето на оние кои продолжуваат да го негираат геноцидот во Босна и Херцеговина и да ги величат воените злосторници, и покрај пресудите на меѓународните судови. Ние, исто така, со загриженост ги следиме нападите и малтретирањето на луѓето кои се вратија во своите домови по војната. Од локалните власти очекуваме да го направат својот дел секој граѓанин на Босна и Херцеговина, без разлика на етничката припадност, да се чувствува безбедно каде што живее“, рече Ердоган.

За да се одржи постојан мир и стабилност во Босна и Херцеговина, како што рече Ердоган, мора целосно да се напушти секој вид говор на омраза и „мора да бараме начини за ширење на културата на мир, толеранција и помирување“.

„Наша искрена желба е во Босна и Херцеговина да надвладее внатрешен консензус кој ќе ги опфати сите сегменти. Секој треба да има на ум дека никој нема да има корист од конфликти и тензии“, рече Ердоган.

Како што рече, Туркије ќе продолжи да прави се за да ја трансформира Босна и Херцеговина во место на стабилност, мир и просперитет.

„Секогаш ќе продолжиме да ја даваме нашата безусловна поддршка за територијалниот интегритет, политичкото единство и суверенитет на Босна и Херцеговина. Сакаме вашите срца да се чувствуваат мирно. Завршувајќи ги моите зборови со овие мисли, сакам уште еднаш да посакам Божја милост на нашите маченици на Сребреница и со почит се поклонуваме на нивниот спомен“, заклучи Ердоган во видео-пораката на комеморацијата во Поточари, каде денеска ќе бидат погребани уште 14 жртви од геноцидот во Сребреница.

AA
Популарни