Геноцидот во Сребреница не се случи, туку тој беше организиран и извршен. Ова е една од главните пораки и заклучоци од денешниот настан одржан денес во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците (ИДКНА) во Скопје, во пресрет на 11 јули - Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница.
На настанот присуствуваа бројни личности од светот на науката, културата, политиката претставници на дипломатскиот кор, претставници на јавните институции, како и претставници на граѓанските организации.
„Геноцидот не е природна катастрофа“
Истакнатиот филозоф, проф. др. Ферид Мухиќ во својот говор пред присутните рече ова не е ден на тагување, ова е достоинствен и свечен ден на кој треба да се афирмираат човечкото достоинство, правдата и вистината.
„Геноцидот, генерално, ниту еден, па ниту во Сребреница, не се случи. Можно е да сте шокирани. Затоа што вообичаено е да се каже: „Се случи“. Но не се случи. Земјотрес се случува, цунами се случува, пожар се случува… Геноцидот се организира и извршува. Геноцидот не е природна катастрофа. Не се случи. Извршен е. Тоа мора да се потенцира“, нагласи Мухиќ во неговото излагање.
Тој додаде дека геноцидот е „планиран, организиран и извршен свесно со највисока технологија и потенцијали на државата.“ Мухиќ се осврна и на Резолуцијата за прогласување на 11 јули за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница, усвоена во март оваа година од страна на Обединетите нации.
„Резолуцијата која е усвоена на 24 март е ислучително значаен документ од неверојатна важност, бидејќи тоа е преседан, кој сега, во прицип барем, ќе ги соочи сите држави на светот да не и „прогледаат“ на ниту една држава која извршува геноцид, а да не го наречат генцоид и да не го осудат“, рече Мухиќ.
„Резолуцијата на ОН за геноцидот во Сребреница открива факти“
Проф. др. Скендер Асани во своето излагање рече дека Резолуцијата за геноцидот во Сребреница усвоена од ОН открива уште еден факт - дека „вината не може засекогаш да остане сирак и дека сторителите мора да бидат идентификувани за монструозните злосторства што ги извршија врз беспомошното цивилно население.“
„Токму масакрот во Сребреница ги исполни сите параметри за да има правен статус на геноцид, а земјите кои гласаа за резолуцијата за овој масакр испратија моќна порака за потребата од целосна политичка свест“, потенцираше Асани и додаде:
„Резолуцијата за Сребреница се чинеше дека му даде право и ја оправда одлуката на меѓународната заедница да интервенира воено во 1999 година за да се избегне втор геноцид во Косово, бидејќи она што беше толерирано во БиХ не може да се повтори во друга земја во поранешна Југославија. Со оваа интервенција стана јасно дека националистичките политики кои им штетат на другите народи ќе бидат неприфатливи и дека ниту еден криминал во иднина нема да остане неказнет. Пораката што произлезе од Резолуцијата за лаж не беше правилно разбрана од политички Белград, а тоа е проблем што го засега целиот регион, бидејќи без размислување, без свест на политичките елити, Балканот не може да биде ослободен од хипотеките на минатото.“
Директорот на Институтот за воени злосторства на Косово Атхе Хетеми беше еден од говорниците на комеморативниот настан. Тој ја истакна улогата на Институтот во зачувување на историската вистина и промовирање на одржлив мир, преку прецизни истражувања и национална и регионална соработка.
„На овој ден на размислување и сеќавање, да ја обновиме нашата посветеност на вистината, правдата и градењето траен мир. Заедно можеме да изградиме иднина каде што ужасите од минатото не се забораваат, туку служат за градење на подобро утре“, рече Хетеми.
Др. Зеќирија Ибрахими, научен советник во ИДКНА, со присутните на насанот сподели дел од своето искуство како учесник на „Маршот на мирот“ во Босна и Херцеговина минатата година.
„Сребреница не треба да се гледа како изолиран настан во историјата, бидејќи е само едно зрно во општата низа на геноцид, како што е егзодусот на косовските Албанци во 1999 година, масакрите на Меја, Речак и Преказе.. Тоа е резултат на стереотип на презирање негуван против друга раса“, рече Ибрахими.
Активности за одбележување на Денот на сеќавање на геноцидот во Сребреница
По повод одбележувањето на 11 јули - Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница, во Скопје се организираат низа информативно-културни настани со кои се истакнува потребата од колективна меморија со цел чување од заборав на геноцидот.
Утре, на 11 јули, од 18 часот во организација на Бошњачкиот национален сојуз (БНС) ќе биде организиран традиционалниот Марш на мирот во чест на жртвите од геноцидот во Сребреница, а на 12 јули, петок, најавено е дека претседателот на Собранието на Северна Македонија Африм Гаши организира комеморативна седница во Собранието, на која ќе земат збор политичари, активисти, претставници на граѓанскиот сектор на Бошњаците во земјава.
Геноцид во Сребреница
Во јули 1995 година единиците на тогашната Војска на Република Српска под команда на хашкиот осуденик Ратко Младиќ извршија геноцид врз Бошњаците во Сребреница, при што ја нападнаа „заштитената енклава на Обединетите нации“ во Сребреница, Босна и Херцеговина.
Во геноцидот беа убиени 8.372 лица. Десетици илјади жени, деца и стари лица беа депортирани или беа принудени да побараат спас во околните шуми, барајќи го патот кон слободната територија.
На 11 јули годинава на гробиштата на Меморијалниот центар Сребреница - Поточари ќе бидат погребани посмртните останки на уште 14 жртви на геноцидот.
Годинава, по колективниот погреб во Поточари, поточно на 15 јули ќе започне процесот на повторна ексхумација и годинава повторно ќе бидат ексхумирани посмртните останки на 78 жртви. На нив ќе бидат додадени посмртните останки кои се дополнително пронајдени и идентификувани.
Реексхумацијата ќе трае до 22 јули.
Досега во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари се погребани 6.751 жртва на геноцидот, а на локалните гробишта со одлука на преживеаните членови на семејството се погребани 250 жртви.
Жртвите потекнуваат од различни општини, повеќето од подрачјата на Сребреница, Братунац, Власеница, Зворник и Милиќ. Жртвите на геноцидот се пронајдени на 150 различни локации, од кои 77 се масовни гробници. Најмладата жртва досега погребана во Поточари е новороденчето Фатима Мухиќ, а најстарата е Шаха Измирлиќ, родена во 1901 година.