Комеморативен марш во Скопје за одбележување на геноцидот во Сребреница / Photo: AA

Во организација на Бошњачкиот национален совет (БНС), во Скопје вчера се одржа комеморативен марш за одбележување на годишнината од геноцидот во Сребреница.

На маршот присуствуваше амбасадорот на Република Туркије во Скопје, Фатих Улусој, како и пратеници, претставници на локалната самоуправа, претставници на невладини организации и голем број граѓани.

Маршот започна од паркот во Општина Чаир, помина низ Скопската чаршија и заврши на плоштадот „Македонија“.

Таму присутните со едноминутно молчење и молитва им оддадоа почит на жртвите од геноцидот, додека на присутните им се обрати Џеват Хот, претседателот на БНС.

Тој го поздрави фактот што Северна Македонија стана ко-спонзор на Резолуцијата на Обединетите нации (ОН) со која се осуди геноцидот во Сребреница.

„Геноцидот во Сребреница, како и секој друг геноцид во историјата, има свои наредбодавачи, има имиња на извршители. Нивната одговорност е индивидуална, а не колективна. Ги знаеме по име и презиме кој давал наредби, ги знаеме по име и презиме кој го извршил ова дело“, рече Хот, додавајќи дека секое негирање на геноцидот, релативизација или молчење „отвора рани и ги затвора вратите на помирувањето и соработката“.

Пред присутните зборуваше и Менсур Бектиќ, креаторот на Цветот на Сребреница, што стана симбол на сеќавање на геноцидот во Сребреница.

Тој потсети дека 8.372 жртви на геноцидот и сите жители на областа биле сместени во она што беше прогласено за „Заштитено подрачје“ на ОН.

„На тие луѓе Обединетите нации им го ветија правото на живот, а правото на живот е едно од основните човекови права. Тие луѓе беа оставени во рацете на џелатите да ги убиваат безмилосно само затоа што припаѓале на друга вера, националност и затоа што не биле членови на нивниот корпус“, рече Бектиќ.

Тој повика да не се заборави геноцидот во Сребреница, наведувајќи дека народот кој заборава и не ги учи децата дека е извршен геноцид во Босна и Херцеговина е осуден повторно да доживее таков геноцид.

За време на собирот беше прикажано видео на преживеана од геноцидот, а беа изложени и слики од уметниците кои учествува на Меѓународните ликовни средби во Скопје кои се одржаа од 6 до 11 јули по повод одбележување на геноцидот во Сребреница. На Меѓународните ликовни средби учествуваа 17 уметници од земјава, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Бугарија, Туркије и САД.

Геноцид во Сребреница

Во јули 1995 година единиците на тогашната Војска на Република Српска под команда на хашкиот осуденик Ратко Младиќ извршија геноцид врз Бошњаците во Сребреница, при што ја нападнаа „заштитената енклава на Обединетите нации“ во Сребреница, Босна и Херцеговина.

Во геноцидот беа убиени 8.372 лица. Десетици илјади жени, деца и стари лица беа депортирани или беа принудени да побараат спас во околните шуми, барајќи го патот кон слободната територија.

На 11 јули годинава на гробиштата на Меморијалниот центар Сребреница - Поточари погребани беа посмртните останки на уште 14 жртви на геноцидот.

Годинава, по колективниот погреб во Поточари, поточно на 15 јули ќе започне процесот на повторна ексхумација и годинава повторно ќе бидат ексхумирани посмртните останки на 78 жртви. На нив ќе бидат додадени посмртните останки кои се дополнително пронајдени и идентификувани.

Реексхумацијата ќе трае до 22 јули.

Досега во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари се погребани 6.751 жртва на геноцидот, а на локалните гробишта со одлука на преживеаните членови на семејството се погребани 250 жртви.

Жртвите потекнуваат од различни општини, повеќето од подрачјата на Сребреница, Братунац, Власеница, Зворник и Милиќ. Жртвите на геноцидот се пронајдени на 150 различни локации, од кои 77 се масовни гробници. Најмладата жртва досега погребана во Поточари е новороденчето Фатима Мухиќ, а најстарата е Шаха Измирлиќ, родена во 1901 година.

AA
Популарни