Жените имаат важна улога во градењето на стабилно и демократско општество. Со поголемо вклучување на жените во полицијата, ќе се подобри функционирањето на институцијата во целина. Клучен дел од европските реформи е борбата против стереотипите и предрасудите, посочи претседателот Стево Пендаровски.
Тој на денешната регионална конференција посветена на родот и безбедноста организирана од ОБСЕ и од ОДИХР што се одржа во Скопје, напомена дека стереотипите во минатото ги ставаа жените во нерамноправна позиција во безбедносниот сектор.
„Ние мора да ги промениме тие навики кои се длабоко вкоренети во нашиот менталитет“, рече Пендаровски.
Според Пендаровски, полицијата има незаменлива улога во спроведувањето на законите, одржувањето на редот, почитувањето на човековите права и слободи, и чувањето на државната граница. Како што додаде, преку извршувањето на овие важни должности, полицијата го чува највредното што го има една држава, а тоа е довербата на македонските граѓани во сопствената држава и во нејзините институции.
„Искуствата од најразвиените држави покажуваат дека полициските службенички и припаднички на полициските единици можат многу успешно да разрешуваат ситуации што вклучуваат родово-базирано и семејно насилство каде што жртвите се жени и деца“, рече Пендаровски.
Тој додаде дека треба не само да се зголеми бројката на жените во полицијата, туку и да се поддржи нивното кариерно напредување во секој сектор, во секоја единица.
Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошкоски на денешната конференција информираше дека според последниот извештај од 2023 година за напредокот на состојбите на еднаквите можности за мажите и жените, процентуално родовата застапеност изнесува 78,98 отсто мажи, и 21,02 отсто жени.
Бројката во последните години, како што рече, покажува тренд на благ пораст. Но додаде, разликата во застапеноста на двата пола и натаму е голема. Како што додаде, истото важи и за фактот што жените се помалку застапени на раководни позиции во органите на спроведување на законот, што би можеле да се препише на стереотипите поврзани со работењето во полицијата.
Тошкоски потенцираше дека според последните податоци, се зголемува бројот на жени на раководни позиции во полицијата, поточно, во 2023 година изнесувал 17,8 проценти, а во 2019 година изнесувал 12,5 проценти.
„Но сепак, процентот на нивна застапеност на раководни позиции и понатаму останува поразителен. Дополнителни предизвици со кои се соочуваат жените при полициското работење се нивното задржување на работното место, нивната застапеност во специјалните единици, како и напредокот во кариерниот систем, што се должи делумно и на нивниот обид за постигнување на рамнотежа меѓу професионалниот и семејниот живот“, рече Тошкоски.
Тој додаде дека борбата за вработување на жените во полицијата продолжува и понатаму.
Потенцираше дека токму преку Програмата за родово менторство поддржано од страна на ОБСЕ во која 150 учесници беа обучувани за различни работни вештини, се зголеми свесноста во Министерството за родовата различност и за потребата од вклученоста на жените во полицијата.
Тошкоски потсети и на Резолуција 1325 на Советот за безбедност од 2000 година, која го дава темелот врз кој се заснова работата за давање на моќ и сила на жените во разни професии денес.
„Оваа Резолуција препознава дека жените може да играат клучна улога при преговорите за мир и потврдува дека разрешувањето на конфликти и заложби за мир се секогаш поодржливи кога жените ги сметаме за еднакви партнери во спречувањето на насилство и преговарањето за мир“, додаде Тошкоски.
Тој појасни дека во МВР постои иницијатива и политичка волја за формирање на Мрежа на жени во полицијата - нешто што во повеќе земји од регионот функционира веќе подолг временски период.
Шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килиан Вал денеска на конференцијата напомена дека ОБСЕ е силно посветена на родовата еднаквост.
„Имплементираме неколку министерски одлуки за зајакнување на жените и нивното учество во јавноста и превенцијата на насилството врз жените и девојчињата. Оваа конференција е пример на силната посветеност на ОБСЕ да го вметне родот и родовите прашања во безбедносниот сектор. Жените мора да седат на маса каде што се донесуваат одлуки на сите нивоа и ова не смее да биде тема на преговори“, рече Вал.
Тој информираше дека според податоците од Европскиот институт за родова еднаквост, процентот на жените во секторот безбедност е околу 20 проценти, што заостанува зад препорачените 30 проценти и е далеку од еднаквост.
Бројките, како што рече, се уште полоши кога станува збор за процентот на жените на лидерски позиции во безбедносниот сектор. Како што потенцираше, мораме да ги рушиме родовите стереотипи во општеството, особено во секторот безбедност и да ги отвориме вратите на можности за сите жени.