Од бугарското МВР демантираа дека Љупчо Палевски е во Бугарија / Photo: Screenshot MVR RSM  website / Photo: Screenshoot MVR website

Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по Љупчо Палевски Палчо, контроверзен политичар и бизнисмен осомничен за убиството на скопјанката Вања Ѓорчевска (14) и Панче Жежовски (74) од Велес.

„Љупчо Палевски род.12.12.1964 год. во Скопје се бара со меѓународна потерница за истрага за кривични дела „грабнување" и "убиство“ по издадена наредба XV KO бр 3047/23 од Основното јавно обвинителство Скопје“, објавено е попладнево на веб страницата на МВР.

Според првичните сознанија на истрагата, Палевски пукал во Вања, а исто така е организатор и извршител и на убиството на велешанецот Жежовски.

Официјално, Палевски ја напуштил државата на 30 ноември и заминал во Србија со неговиот адвокат, кој во меѓувреме се вратил во земјава и изјави дека не знаел оти неговиот клиент е осомничен за убиство. Осомничениот наводно побарал да го одвезе во Белград на лекарски прегледи кои ги имал претходно закажано.

Иако се појавија информации дека Палевски заминал во Бугарија, официјална потврда нема, а поладнево се огласи и Министерството за внатрешни работи на Бугарија, од каде информираа дека во моментов нема докази дека такво лице е во Бугарија.

Од македонското МВР во текот на денов соопштија дека против Палевски во изминативе години се поднесени повече кривични пријави за различни дела.

„Во 2019 година е поднесена кривична пријава за неовластено прислушкување и тонско снимање, а во текот на 2019 година поднесени се прекршочни пријави поради омаловажување на полициски службеник. Во 2020 година е поднесена кривична пријава за недозволено држење на оружје или распрскувачки материи и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.

Во 2005 година е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување и посебни случаи на фалсификување исправа, во 2002 година за лажно пријавување на кривично дело, а во 2000 година за даночно затајување“ велат во МВР.

Во меѓувреме, во Скопскиот кривичен суд попладневно е донесен таткото на 14-годишната Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски, кој е еден од осомничените за убиството.

Осомничениот наводно негирал дека на Палевски и на другите осомничени им споделил информации за времето кога Вања требало да излезе од дома утрото на 27 ноември и дека ќе биде сама.

Тој беше донесен од полициската станица „Центар“ каде последните 24 часа беше на распит. Се очекува на барање на Скопското Јавно обвинителства да му биде изречена мерка притвор од 48 часа, како и на останатите тројца осомничени во случајов коишто веќе се во притвор.

Телата на двете жртви 14-годишната Вања Ѓорчевски и на 74-годишниот Панче Жежовски се на обдукција во Судска медицина.

Во текот на утрешниот ден се очекуваат ДНК-анализите по што се очекува да биде побаран и подолг притвор за четворицата осомничени.

Според МВР и ОЈО Ѓорчевска е киднапирана со цел да се изнудат пари од нејзината мајка, а набрзо потоа била убиена со пиштол. Убиецот ја убил исплашен од доказите до кои може да дојде полицијата на веќе започната истрага по пријавата.

Жежовски, пак, бил убиен за ноаводен долг од 500 евра.

TRT Balkan / агенции
Популарни