Уапсените по соодветното криминалистичко процесуирање ќе бидат предадени на Обвинителството на БиХ / Photo: AA

Во Босна и Херцеговина денеска се уапсени седум лица осомничени за кривичното дело „геноцид“, односно за убиство на 800 муслимани во 1995 година по падот на безбедната зона прогласена од Обединетите нации во градот Сребреница.

Државната агенција за истрага и заштита (СИПА) соопшти дека лицата се осомничени за сторени кривични дела под индивидуална и командна одговорност, како и за помагање во геноцид.

Уапсените по соодветното криминалистичко процесуирање ќе бидат предадени на Обвинителството на БиХ.

Според соопштението на Државното обвинителство, лицата се поранешни команданти и припадници на Зворничката бригада на Армијата на Република Српска.

„Осомничените се поврзани за пукањето и убиството на околу 800 Бошњаци кај Ораховац, по падот на Заштитната зона во Сребреница“, се наведува во соопштението.

На почетокот на овој месец, Државното обвинителство поднесе обвинение за геноцид против седум други лица, кои се поранешни команданти и членови на Армијата на Република Српска, за убиството на 65 лица во јули 1995 година.

Босанските муслимани се убивани кога силите на босанските Срби ја нападнаа Сребреница во јули 1995 година, и покрај присуството на холандските мировни сили.

Советот за безбедност на Обединетите нации ја прогласи Сребреница за „безбедна зона“ пролетта 1993 година. Но, трупите предводени од генералот Ратко Младиќ ја презедоа зоната на ОН. Тој подоцна беше обвинет за воени злосторства, злосторства против човештвото и за геноцид.

Холандските трупи не успеаја да дејствуваат додека српските сили ја окупираа областа, убивајќи 2.000 мажи и момчиња само на 11 јули 1995 година.

Околу 15.000 жители на Сребреница побегнаа во околните планини, но српските војници гонеа и убија уште 6.000 цивили.

Телата на жртвите се пронајдени во 570 подрачја низ земјата.

Во 2007 година, Меѓународниот суд на правдата во Хаг донесе пресуда дека во Сребреница е извршен геноцид.

AA
Популарни