Еден косовски полицаец е убиен, а друг ранет во утринските часови кога се нападнати во селото Бањска во близина на Лепосавиќ, потврди косовскиот премиер Албин Курти.
Курти на социјалната мрежа објави дека убиеното лице било припадник на регуларната полиција, додека ранетиот е од граничната полиција на Косово и тој е надвор од животната опасност.
Тој објави дека пукањето се случило околу 3 часот наутро и додаде дека станува збор за огнено оружје од разни калибри.
„Напаѓачите се професионалци кои носат маски и тешко се вооружени. Го осудуваме овој криминален и терористички напад. Организираниот криминал со политичка, финансиска и логистичка поддршка од Белград ја напаѓа нашата држава. Во оваа борба ние го браниме и почитуваме законот, ги штитиме сите граѓани без разлика, како и незавизно Косово“, напиша Курти.
Тој додаде дека сторителите и нивните налогодавачи „ќе паднат, ќе бидат убиени, процесуирани и казнети“.
„Владата на Република Косово и државните институции се спремни и во координација се да одговорат на злосторствата и злосторниците, тероризмот и терористите. Косовската полиција го информираше семејството на А.Б. За неговото загинување. Ранетиот полицаец е надвор од опасност. Изразуваме сочувство на семејството и на сите поради нашиот загинат полицаец. На ранетиот му посакуваме брзо опоравување“, порача Курти.
Полицијата на Косово исто така потврди дека нападот се случил врз нејзините припадници на северот во раните утрински часови. Како што се наведува во полициското соопштение, нападот почнал со поставување два камиони без регистарски ознаки на мостот на влезот во селото Бањска со што дошло до блокада. „Регуларните единици на полициската станица во Звечан, по добивање информација, одговорија на повикот и испратени се три единици о правец на спомнатата локација. Штом стигнаа близу местото на пријавените блокади, наидоа на отпор каде неколку луѓе пукаа од разни видови оружје“, се наведува во соопштението и се додава дека се користени и рачни бомби.
Во меѓувреме, претседателката на Косово Вјоса Османи ја прекина официјалната посета на САД, за да се врати во Приштина поради нападот врз полицијата.
„Убиството на полицаец и ранувањето на друг на северот на Косово, кои беа планирани, оркестрирани и извршени од српски криминални банди, е напад врз законот и редот на северот на земјата, напад врз Косово. Овие напади уште еднаш ја докажуваат дестабилизирачката моќ на криминалните банди организирани од Србија, кои долго време, како што е докажано со нападите врз КФОР, врз новинарите и граѓаните, сакаат да го дестабилизираат Косово и регионот“, објави претседателката Османи на Фејсбук.