МВР вчера распиша меѓународна потерница по Љупчо Палевски / Photo: Љупчо Палевски Facebook

Полицијата уапсила скопјанец осомничен дека со џип од Србија преку Бугарија го префрлил во Туркије Љупчо Палевски Палчо, осомничен за убиството на Вања Ѓорчевска (14) и Панче Жежовски (74) од Велес.

Веста ја потврди Oсновното јавно обвинителство Скопје, кое до Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен 48-часовен притвор против 46-годишен скопјанец, под сомнение дека извршил помагање на сторител по извршено кривично дело од член 365 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Официјално, Палевски ја напуштил државата на 30 ноември и заминал во Србија со неговиот адвокат, кој во меѓувреме се вратил во земјава и изјави дека не знаел оти неговиот клиент е осомничен за убиство. Осомничениот наводно побарал да го одвезе во Белград на лекарски прегледи кои ги имал претходно закажано.

„Основаното сомневање дека осомничениот го сторил кривичното дело произлегува од досега прибавените докази од Бирото за јавна безбедност, Сектор за меѓународна полициска соработка доставено до СВР Скопје во кое е наведено дека лице осомничено дека сторило кривично дело, по кое сега е распишана меѓународна потерница, на 02.12.2023 година било регистрирано на граничните премини во Република Бугарија и тоа со влез во Република Бугарија на ГП Калотина и излез од Република Бугарија на ГП Капитан Андреево (кон Републка Туркије). И двете регистрации се со возило марка „Ланд Ровер“, управувано од осомничениот. Лицето е лишено од слобода и со него полициски службеници од Секторот за меѓународна соработка извршија информативен разговор“, се вели во соопштението од ЈОРСМ.

Во конкретниот случај, како што посочуваат од ЈОРСМ, постојат околности кои го оправдуваат стравот за опасност од бегство, како и особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело, со оглед на околностите за видот и карактерот на делото, запретената казна и последиците од истото.

Министерството за внатрешни работи вчера распиша меѓународна потерница по Љупчо Палевски, додека Кривичниот суд во Скопје на предлог на скопското Основно јавно обвинителство донесе наредба за спроведување истрага против него како првоосомничениот во убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Во меѓувреме, четворицата осомничени, меѓу кои и таткото на киднапираната и убиена Вања, Александар Ѓорчевски вечерва пак ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка, каде што треба да се одлучува за нова мерка притвор, односно дали ќе добијат 30 дена бидејќи претходно беа притворени само 48 часа.

Александар Ѓорчевски денеска даваше исказ по вторпат, но тој упорно негира дека бил вмешан во киднапирањето на неговата ќерка, односно дека дал информации дека Вања утрото сама ќе оди на училиште, по што била грабната од влезот во зградата, каде што живеела со нејзината мајка и сестра.

Според МВР и ОЈО Ѓорчевска е киднапирана со цел да се изнудат пари од нејзината мајка, а набрзо потоа била убиена со пиштол. Убиецот ја убил исплашен од доказите до кои може да дојде полицијата на веќе започната истрага по пријавата.

Жежовски, пак, бил убиен за наводен долг од 500 евра.

TRT Balkan / агенции
Популарни