Македонските власти очекуваат Палевски да биде испорачан во најкус можен рок / Photo: Фејсбук профил на МВР

Почна постапката за екстрадиција на Љупчо Палевски Палчо, првоосомничениот за за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Министерот за правда Кренар Лога го потпиша барањето за екстрадиција, а експресно и Јавното обвинителство ги подготви документите и побара да се постапи итно.

Од Министерството за правда велат дека нема да се чека до крајниот рок од 40 дена, Палевски ќе биде испорачан во најкус можен рок.

„ Министерот за правда Кренар Лога го потпиша барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски и откако ќе биде преведено на турски јазик ќе биде веднаш испратено на турските власти, односно до Министерството за правда на Република Турција. Очекуваме соработка со правосудните органи на Република Турција и постапување од нивна страна во најкус можен рок по што Љупчо Палевски ќе биде изведен пред органите на правдата во нашата земја“, стои во соопштението од Министерството за правда.

Министерството за правда, претходно информира дека постапката за екстрадиција е започната и побарале од надлежните турски власти Палевски да биде задржан во притвор сѐ до завршувањето на постапката.

Барањето, како што соопштија претходно од министерстовото, се праќа по ДХЛ (претходно по електронски пат преку ИНТЕРПОЛ).

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.

За нивното убиство, покрај Палевски, се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски.

Во случајот, според истрагата, е вмешан и таткото но Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека споделувал информации со останатите осомничени за движењето на неговата ќерка, а за кого обвинителството информираше дека ги негирал дејствијата.

Вчеравечер четворицата осомничени беа спроведени од Истражниот затвор во Шуто Оризари во Кривичниот суд на распит. Одреден им е 30дневен притвор.

Според обвинителството, Палевски, Манев, Кешишов и Видевски, четворица како соизвршители сториле две кривични дела „грабнување“ и две убиства на свиреп начин, од кои едно на малолетно лице и едно од користољубие, додека, петтиот осомничен, таткото на Вања, им помогнал при извршување на кривичното дело грабнување на малолетно лице.

Во 48-часовен е и лицето С.Д. кое се сомничи дека му помогнал на Палевски да пребегне во Туркије.

Според истрагата, С.Д. со џип го превезол Палевски од Србија преку Бугарија во Туркије. Таму го оставил и се вратил во Македонија, каде вчера бил уапсен и открил каде се крие осомничениот за двојното убиство. МВР ги информирало турските колеги кои веднаш реагирале.

Палевски од Баликесир тргнал кон Истанбул. Некаде по автопатот „Истанбул – Измир“ тој излегол од такси возилото и пеш тргнал да се враќа кон Баликесир каде е пресретнат од турските безбедносни служби и уапсен.

TRT Balkan / агенции
Популарни