Липавски во рамки на посетата во Скопје се состана со министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи.        Фото: АА

Западен Балкан е важен и нераскинлив дел од европското семејство, рече министерот за надворешни работи на Чешката Република, Јан Липавски за време на официјалната посета на Северна Македонија. Липавски во рамки на посетата во Скопје се состана со министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи.

МНР на Северна Македонија соопшти дека во фокус на разговорите бил евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, што доби нова динамика со почетокот на пристапните преговори за време на чешкото претседателство со Советот на ЕУ.

Во овој контекст, министерот Османи се заблагодари за активностите и улогата на Чешка од позиција на претседавач со ЕУ.

„Не смееме да дозволиме да бидеме вовлечени во агендата на провокаторите и да попуштиме во нашите напори да ги вратиме меѓусебните односи онаму каде што припаѓаат – овде во куќите на дипломатиите“, рече Османи.

„За оваа цел добредојдена е секоја помош, особено од нашите пријатели како што е Чешка, и јас денес побарав од мојот колега Липавски да го искористи своето влијание и внатре во Унијата, но и како колега министер, демонстрирајќи ја и понатаму поддршката која во континуитет земјава ја добива од нашите чешки пријатели“, истакна тој.

Меѓу другото, Липавски потенцираше дека забрзувањето на евроинтеграциите е во заедничка корист на Северна Македонија и ЕУ.

Липавски ја реафирмираше чешката позиција дека Западен Балкан е важен и нераскинлив дел од европското семејство.

Како претседавач со ОБСЕ, Османи размени мислења со својот чешки колега и за сериозното нарушување на европската безбедносна архитектура поттикнато од воената агресија врз Украина и огромните последици што ги чувствува Украина, но и Европа и светот.

„Го претставив нашиот највисок приоритет како претседавач: да запре натамошното човечко страдање, да ја ставиме во функција Организацијата преку теренските мисии за да ги ублажиме последиците од војната, но и да спречиме нови кризи и да обезбедиме поддршка за ранливите региони, следејќи го слоганот на нашето претседавање кое гласи - За луѓето се работи“, нагласи Османи.

На средбата станало збор и за динамичниот позитивен тренд на билатералните односи, со акцент на одличната економска соработка.

Османи укажа на огромното значење на чешката поддршка во заштитата на јужната граница на Северна Македонија од илегална миграција, што претставува уште една потврда за традиционално одличните односи меѓу двете земји.

AA
Популарни