Медиумските работници одржаа протестен марш во Скопје / Photo: AA

Медиумските работници во земјата одржаа протестен марш во Скопје, од Владата до Собранието.

Протестниот марш беше организиран од страна на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски и претседателот на ССНМ, Павле Беловски, до Владата доставија акциски план со различни барања и рокови за реализација.

Меѓу барањата се и изнаоѓање системски решенија за квалитет на новинарските содржини, достоинствени плати, обезбедување услови за квалитетни и професионални новинарски продукти за сите медиуми.

Медиумските работници кои учествуваа на овој протестен марш носеа транспаренти со различни написи, како „Ако ја ограничите нашата слобода, ја загрозувате вашата слобода“, „Новинарството на удар, ние сме обединети“, „Ги газите новинарите, го газите слободното општество“, „Работиме за граѓаните, а не за политичарите“, „Навредата кон новинарите е потценување на граѓаните“.

ЗНМ и ССНМ побараа брза и ефикасна имплементација на законите кои ја третираат безбедноста на новинарите.

Чадиковски рече дека е потребна имплементација на законите кои се важни во новинарската сфера за обезбедување и независно функционално работење на јавниот сервис и на регулаторот.

Тој, меѓу другото, нагласи дека безбедноста на новинарите не е на ниво на кое треба да биде.

Од друга страна, Беловски рече дека мора сите медиуми сплотено да продолжат да ги бараат и да се борат за она што им следува според законот.

Според него, нападите врз новинарите и медиумските работници се напад врз јавноста, односно врз правото на граѓаните да бидат информирани.

TRT Balkan / агенции
Популарни