МВР: Личните карти чиј рок не е истечен, ќе важат и по 12 февруари 2024 / Photo: МИА

Личните карти чиј рок не е истечен ќе продолжат да важат и по 12.02.2024 година, соопштија од македонското Министерство за внатрешни работи (МВР).

МВР како ресорно министерство надлежно за издавање на лични документи укажува дека Законот за личната карта не е изменет.

„За таа цел, ги информираме граѓаните на Република Северна Македонија, дека личните карти со називот на државата „РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“ кои имаат важност, односно чиј рок не е истечен, продолжуваат да важат и по 12 февруари 2024 година“, соопштија од МВР.

Според Преспанскиот договор, граѓаните треба да ги сменат личните карти, пасошите и возачките дозволи во рок од пет години од влегувањето во сила на уставните измени, а тој рок истекува во февруари.

Досега, усогласени се Законот за патната исправа и Законот за безбедноста во сообраќајот, каде е наведено дека пасошите, возачките дозволи и возачките книшки кои го содржат натписот Република Македонија ќе важат до истекот на рокот на важење, а најдоцна до 12 февруари 2024 година.

Според Преспанскиот договор, Севрерна Македонија се обврза на два преодни периода во однос на издадените постоечки документи и материјали - еден „технички“ и еден „политички“: „Техничкиот“ преоден период значи дека сите официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но и оние кои може да се користат и надвор од државата, нивната важност треба да се обновува во согласност со новото име.

„Политичкиот“ преоден период се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба. Во текстот од Договорот се вели дека Издавањето на ваквите документи и материјали кои се опфатени со оваа категорија во согласност со членот 1, став 3, ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш.

Преспанскиот договор помеѓу Македонија и Грција беше потпишан на 17 јуни 2018 година, со што земјата го смени уставното име во Република Северна Македонија.

Иако роковите од Договорот почнаа со промената на Уставот во февруари 2019 година, тие не започнаа навреме да издаваат лични документи со новото име Република Северна Македонија. Затоа, граѓани кои вадеа лични документи во 2021 година, повторно ги добиваа со името Република Македонија.

TRT Balkan / агенции
Популарни