Висока воена делегација на Вооружените сили (ВС) на Република Туркије, предводена од началникот на Генералштабот на ВС на Република Туркије, генерал Метин Ѓурак во рамки на официјалната посета на Република Северна Македонија, вчера, престојуваше во Генералштабот на Армијата.
„По пречекот со високи воени почести, генералот Ѓурак оствари средба со својот домаќин, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски на која беше реафирмирана соработката која е на континуирано високо ниво со ВС на Република Туркије, како еден од нашите најголеми стратешки партнери“, соопштија од Генералштабот на Армијата на РСМ.
Оттаму додаваат дека тридецениската меѓуармиска соработка и поддршка особено е изразена во доменот на обуката, военото образование, заедничкото учество во меѓународни операции и мисии, каде голем број наши ротации беа под покровителство на турскиот контингент, вклучително и последната во мисијата на ЕУ/АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
„Генералот Лафчиски рече дека пријателска Турција (Туркије), како наш стратешки партнер, значајно придонесува за модернизацијата на Армијата и нејзиното опремување со нови, современи средства, компатибилни со стандардите на земјите членки на НАТО, меѓу кои е и последната донација од дронови, средства за врски, ноќни визири и интендантска опрема за потребите на специјалните единици на Армијата“, се вели во соопштението.
Генералот Ѓурак се заблагодари за гостопримството и истакна дека Република Туркије останува посветена на високото ниво на воена соработка со порака за продлабочување во доменот на обуката, вежбите и едукација на припадниците на македонската Армија во престижните воени образовни институции на турските ВС.
За време на официјалните разговори со делегацијата на ВС на Туркије, се презентираа тековните процеси за модернизација и трансформација на Армијата, нашиот придонес и учеството во меѓународните операции и мисии во странство и можноста за користење на капацитетите на АП „Криволак“ за обука и вежбовни активности.
Во рамки на вчерашната посета, делегацијата на ВС на Република Туркије присуствуваше на показна вежба од страна на припадниците на Баталјонот за специјални сили, на која беа прикажани активности со кои се покажа обученоста и подготвеноста на нашата елитна единица.
По активностите во Генералштабот, генералот Метин Ѓурак придружуван од генералот Лафчиски, оствари средба со македонската претседателка и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска-Давкова.
„Конструктивна средба со НГШ на Вооружените сили на Турција, генерал Метин Ѓурак, кој престојува во официјална посета на Македонија.Високо го цениме значајниот придонес на турските вооружени сили во модернизацијата на нашата армија.Изразивме подготвеност за натамошно јакнење на билатералните односи во духот на НАТО сојузништвото и стратешкото партнерство“, напиша Сиљановска-Давкова на социјалните мрежи.