Невреме во Скопје: Краткотрајно, но со сериозни штети

На социјалните мрежи се појавуваат видеа во кои се гледа како во дел од градскиот превоз патниците буквално биле потопени во вода додека се возеле во автобус поради насобраната вода на сообраќајниците.

Уништени домови, поплавени гаражи, откорнати кровови и дрвја е епилогот од силното невреме што вчера ја погоди македонската метропола Скопје. Невремето беше релативно краткотрајно, но предизвика сериозни штети и застој во сообраќајот.

На некои делови од градот возачите подолго време беа заглавени во сообраќај бидејќи на дел од сообраќајниците имаше и скоро еден метар вода.     Фото:  МИА

На некои делови од градот возачите подолго време беа заглавени во сообраќај бидејќи на дел од сообраќајниците имаше и скоро еден метар вода.

На социјалните мрежи се појавуваат видеа во кои се гледа како во дел од градскиот превоз патниците буквално биле потопени во вода додека се возеле во автобус поради насобраната вода на сообраќајниците.

Се појавуваат и видеа за штети во стари објекти, но и во штотуку вселени станови.

По невремето кое го зафати градот Скопје, градоначалничката Данела Арсовска свика итен состанок на Кризниот штаб на Град Скопје.

По обилните врнежи од дожд и силниот ветар кои вчера попладне го зафатија Скопје на телефонскиот број 195 и преку бројот за итни повици 112 беа примени околу 180 пријави.

Невремето во Скопје беше релативно краткотрајно, но предизвика сериозни штети и застој во сообраќајот.     Фото:  AA

Од нив, за поплавени простории од објекти - 80, за паднати дрва - 40, за оштетени возила и поплавени улици и подвозници - по 20, оштетени кровни конструкции - 15, скинати проводници, навалени бандери и други проблеми со струја - пет.

Како што информираат од Центарот за управување со кризи – ЦУК, сите овие пријави и проблеми за нивно решавање редоследно по приоритет биле проследени до: Бригадата за противпожарна заштита БППЗ, Градот Скопје, општините и јавните претпријатија во Градот.

Пожарникарите по невремето со нивни екипи интервенирале во десетина случаи за испумпување на навлезена вода од објекти и критичните места.

На скопските сообраќајници од ЈП „Водовод и канализација“ известуваат дека вечерта и ноќта со цистерни и вакум цистерни работеле на исцрпување на насобраната вода и на одзатнување на атмосферската канализација на критичните места (подвозници и главни сообраќајници) и исто така по пријави на граѓани на уште 40-тина други места.

Утрово состојбата е нормализирана, наведуваат од ЦУК. Од ЕВН известуваат дека дефектите настанати од атмосферските празнења и силниот ветер во повеќе реони од градот и околината во текот на ноќта се отстранети освен кон селата Дворце и Радуша во Општината Сарај каде жителите се уште се без електрична енергија.

Според известувањето од Сообраќајната полиција како и ЈСП Скопје од околу полноќ состојбата на сите сообраќајници е нормализирана и утрово сообраќајот и јавниот градски превоз се одвивива нормално, посочуваат од ЦУК.

TRT Balkan / агенции
Популарни