Скопската Општина Центар забрани да се користат мобилни телефони за време на наставата во основните училишта. Кабинетот на градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, информираше дека до сите училишта се испратени препораки за забрана за користење мобилни телефони за време на настава. / Photo: AA Archive

Скопската Општина Центар забрани да се користат мобилни телефони за време на наставата во основните училишта. Кабинетот на градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, информираше дека до сите училишта се испратени препораки за забрана за користење мобилни телефони за време на настава.

Оваа одлука на Општината доаѓа по зачестените инциденти со предизвици на социјалната мрежа ТикТок и заради зголемување на безбедноста на учениците.

„Сите основни училишта на територија на општината прифатија да се забрани користење на мобилните телефони од почеток до крај на наставата, а носењето на втор мобилен телефон да биде одземен и вратен на родителот. Со оглед на случувањата во последниот период кои резултираат со повреди на самите ученици, односно имитирање на апликации како ТикТок и други, да се подигне безбедноста во училиштето на повисоко ниво“, вели градоначалнкот Герасимовски.

Советничката група на граѓанското здружение „Шанса за Центар“ побара од Советот на Општината ваква забрана уште во август 2023 година, но оваа точка тогаш не беше ставена на на дневен ред.

Овие насоки на Општината се донесени врз основа на препораките на Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО), кои во јули 2023 укажаа на негативните ефекти од употребата на паметни телефони врз процесот на учење.

Несакани настани и инциденти во последните години се речиси секојдневие во основните и средните училишта не само во земјава, туку ширум регионот, поради што прашањето за употребата на мобилните телефони во училиштата и користењето на социјалните мрежи стана едно од прашањата кои ја засегаат пошироката јавност.

На 19 јануари почина 17-годишното момче од скопско Волково, кое доживеа струен удар додека се снимаше на вагон на пруга во Кисела Вода. Пред две години, 17-годишна девојка, исто така, доживеа струен удар додека се снимаше на вагон во Маџари. Тогаш, девојката преживеа, но имаше изгореници од трет степен на 30 проценти од телото и помина месец дена на лекување во болница.

Колку за потсетување, Албанија кон крајот на декември минатата година приклучи на листата на земји кои го забрануваат или суспендираат ТикТок. Корисниците од оваа земја нема да имаат пристап до платформата во период од една година, а причината е зголеменото насилство кај младите.

TRT Balkan / агенции
Популарни